До кога алчноста ќе пролева мајчини солзи?

Поминаа девет болни и тажни денови од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која 59 млади животи згаснаа во пожарот. Нема зборови кои можат да ги опишат тагата и болката кај најблиските на настраданите. Денеска, по православниот христијански обичај се прави износ на упокоените. Девет дена без ангелите кои имаа свои сништа кои им ги изгоре системската неодговорност, која кога-тогаш ќе исплива на површината, но, за жал, во трагична форма.

Мајчините солзи не можат да го измијат системскиот грев, алчноста за пари, а тоа убива од внатре.

-Ги воспитувавме да бидат чесни, да имаат почит спрема секого. Не згрешивме, такви треба да бидеме во животот, да подадеме рака. Не жалејќи се мојот син четири пати влегувал во опожарената дискотека за да помогне и да спаси свои врсници. Во целиот хаос не се заштитил сам, преовладувала неговата хуманост, не штедејќи се себеси, и сѐ што може да се случи, раскажуваат неговите другари, вели мајката на настраданиот Павел Христовски од Кочани, Валентина Христовска.

Павел во четвртото влегување веќе почнал да ги чувствува последиците на чадот и да се гуши.

-Болката што ја чувствувам како родител е голема, како и кај сите други родители, бидејќи тие деца си имаа избрано пат. Некои се имаа определно да учат за доктори, други за инженери, трети да се посветат на занает, и сите си ја сакаа Македонија. Поради нечии пропусти останавме без децата, без нашите ангели. Тие ни беа светлост и надеж. Се прашувам Гоподи, зошто ги земаш добрите?, вели Христовска.

Нејзината болка е уште поголема, бидејќи и ќерката Марија била исто така во дискотеката. Таа е повредена и е на лекување во Шпанија, а семејството со нетрпение го чека нејзиното враќање.

Таа вечер требала да биде за опуштање, а утредента, според сведоштвото на Христовска, требало да заминат за Скопје за да купат венчален фустан за ќерката. Но, како што вели Валентина, пропустите на системот и алчноста за пари зацрнија 60 фамилии.

Таа апелира што побргу нештата да почнат да се менуваат за да не се уништуваат мечтите на младите, но и на родителите кои ги воспитувале да бидат чесни и хумани.

-Не знаеше да одмине човек, ќе го поздравеше и ќе прашаше како е. Секогаш ќе дојдеше дома ќе ме поздравеше и ќе ме бакнеше, исто како и неговата сестричка, така знаев дека сум воспитала добри деца, истакнува Христовска.

Сите други ангелчиња беа со чиста душа и во најубавите години, и наша гордост, а сега толку родители останавме распарчени поради општествените пропусти.

После сѐ што се случи, после трагичната загуба на татко му, на само 17 години застанува како столб во фамилијата. Остана разумен, одговорен и хуман кон општеството, ја ширеше својата ведрина кон своите најблиски и спрема секого, со убав збор и добри дела со намера оваа година да се запише на факултет и да си го работи занаетот како бербер.

„Секогаш ми велеше, мајко се ќе биде во ред, јас сум тука за сѐ што треба. Се одлучува за берберскиот занает каде што е и омилена личност“.

Хуманите и храбрите луѓе судбината ги поврзува. Така е со Павел и Јован Костадинов од Виница кој спаси над 20 деца и е вистински херој, но тој знаел да се заштити – ставил мокра ткаенина на дишните органи.

Павел и Јован имале страст да возат мотори по нашите убави планини. Чистите души ја сакаат чистата природа, а и таа ги сака нив. И Јован, како и Павел, пред две години изгуби родител, така и тој цврсто се соочил со животните предизвици, а својата големина на непоколеблива храброст и хуманост ја покажува на дело, не жалејќи го својот живот повеќе пати влегува во опожарената дискотека.

Јавноста му посакува брзо заздравување и повторно дружење со најблиските и другарите.

Таа вечер многу луѓе покажаа храброст за да спасат свои другари, врсници. Шоферот на Брзата помош, Иле Гоцевски, кој не знаеше да застане, на една душа возеше 20 часа на релација Кочани-Скопје-Кочани.

Тука се и многу други момци и девојки, родители, припадници на медицинските тимови, Доброволното противпожарно друштво, Противпожарната единица, полицајци, Јордан, Мирче, Марио, Николчо, Борис, младата студентка на медицина пред завршување на студиите, обезбедувањето и многу други.

„Сите деца си имаа свој сон и свој пат, ние им бевме поддршката, а сега тие ќе ни бидат ангели, чувари. Апелирам до цел корумпиран систем, да се свестат дека 60 фамилии останаа без своите најмили. И да не се повтори во иднина“, посочи Христовска.