Сите јавни објекти, училишта, градинки и спортски сали се безбедни

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека сите јавни објекти, вклучувајќи училишта, градинки и спортски сали, се безбедни и дека нема потреба за загриженост од страна на граѓаните по денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.

Ѓорѓиевски истакна дека инспекциите продолжуваат и во следниот период ќе бидат опфатени не само јавните установи, туку и станбените згради и урбаната опрема во општините.

– Нашиот план е да продолжиме со инспекциите на сите објекти, а во следниот период ќе се фокусираме и на станбените згради и урбаната опрема. Инспектори ќе бидат присутни на терен – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека е утврдено дека во некои општини недостасуваат инспекциски служби и дека ќе биде воспоставена меѓуопштинска соработка за решавање на овој проблем.

Ѓорѓиевски апелираше до Владата да обезбеди средства за пополнување на испразнетите инспекторатски места, посочувајќи дека во моментов недостасуваат најмалку 40 градежни инспектори. Во меѓувреме, по трагедијата во Кочани, донесена е одлука да се откажат сите јавни настани во наредниот период или да се најдат соодветни алтернативи за нивната организација. Како можен предлог за замена на настаните, Ѓорѓиевски предложи да се засадат дрвја во чест на жртвите од пожарот во Кочани.

– Сите јавни настани што беа планирани, ќе бидат откажани или ќе се најде начин за соодветна замена. Една од идеите е да се засадат дрвја во чест на загинатите, како начин да им оддадеме почит – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека контроли на објектите се прават редовно, а последната во Општина Кисела Вода била направена на крајот на минатата година. Според него, најголемите проблеми се однесуваат на урбаната опрема, особено онаа која се поставува околу кафулињата, каде биле затекнати неправилности. На угостителите ќе им биде даден рок од еден месец за отстранување на овие неправилности.

– Во многу општини има различни програми за поставување урбана опрема. Ако се утврди потребата за законска интервенција, ќе побараме од законодавецот да се постигне унифицираност на нивото на целата држава – изјави Ѓорѓиевски.