Фудбалерите на Иран обезбедија настап на мундијалот 2026-та

Фудбалската репрезентација на Иран го обезбеди седмиот настап на мундијалот во историјата а четврти по ред, и овој вторник стана втората азиска селекција која обезбеди пласман на големата сцена следната година.

По домаќините на првенството, САД, Канада и Мексико, а потоа и Јапонија и Нов Зеланд, иранските фудбалери го обезбедија настапот на Мундијалот играјќи на домашен терен во Техеран со 2:2 против Узбекистан во натпреварот од осмото коло од групата А од азиските квалификации.

На две кола до крајот, Иран и математички обезбеди едно од првите две места на табелата, а во пресрет на последните две кола, Узбекистан исто така е во многу добра позиција на второто место, бидејќи има седум бода повеќе, како и натпревар повеќе од Обединетите Арапски Емирати кои дури во 98.минута успеаја да ја совладаат Северна Кореја на гости. Двете првопласирани селекции од секоја група ќе патуваат директно на Светското првенство.

Узбекистан двапати водеше, но херој на Иран на овој меч беше играчот на милански Интер, Мехди Тареми, кој постигна два погодока. Узбекистан поведе во 16. минута со голот на Еркинов, додека Тареми во 52. минута по еден многу убав волеј погоди за 1:1. Веднаш во следниот напад гостите повторно поведоа, Фајзулаев беше стрелец за 2:1, но ново возбудување настана во 83. минута кога Тареми погоди за конечни 2:2 и големо славје за Иран.

Фудбалската репрезентација на Катар направи чекор назад во однос на квалификациите за Светското првенство по поразот од Киргистан. Во осмото коло од групата А од азиските квалификации, Киргистан на домашен терен го совлада Катар со 3:1, оставајќи го Катар на четвртото место со десет бодови, а второто место кое директно води на Светското првенство е сѐ пооддалечено. Ова беше само втора победа за Киргистан во квалификациите.

Домашните поведоа во судиското надополнување на првото полувреме со голот на Кичин, а на почетокот на вториот дел Катар израмни со голот на Лукас Мендес. Токму Мендеш веќе во 55. минута стана трагична фигура на мечот, добивајќи црвен картон. Киргистан ја искористи предноста од играч повеќе дури во последните минути од натпреварот со головите на Мишченко во 82. минута и Шукуров во 93. минута.

Катар учествуваше како домаќин на последното Светско првенство во 2022 година, кога ги забележа сите три пораза во групата.

Во последниот меч во вторникот од оваа група, Обединетите Арапски Емирати ја победија Северна Кореја со 2:1 во меч одигран во Ријад во групата А од азиските квалификации за Светското првенство, останувајќи во игра за второто место на табелата.

Во петтата минута Фабио Лима им донесе водство на Обединетите Арапски Емирати против Северна Кореја, кои израмнија на крајот од првиот дел, во 43. минута со голот на Ким Ју Сонг. Играчите на ОАЕ напаѓаа во текот на второто полувреме и успеаја да постигнат гол за три бода дури во 98. последната минута од судиското надополнување. Султан Адил постигна гол со глава за голема победа.

Во преостанатите две кола голема битка за второто место ќе се води меѓу Узбекистан кој има 17 бодови и ОАЕ со 13 бодови. Во следното коло Узбекистан ќе игра на гости кај ОАЕ, додека во последното Узбекистан ќе биде домаќин на Катар, а ОАЕ ќе игра против Киргистан.

Група А
Киргистан – Катар 3:1
Иран – Узбекистан 2:2
Северна Кореја – ОАЕ 1:2

ТАБЕЛА
1. Иран 8 6 2 0 16:7 20
2. Узбекистан 8 5 2 1 11:7 17
3. ОАЕ 8 4 1 3 14:7 13
4. Катар 8 3 1 4 16:21 10
5. Киргистан 8 2 0 6 9:15 6
6. Северна Кореја 0 2 6 7:16 2

ГРУПА Б
Јужна Кореја – Јордан 1:1
Кувајт – Оман 0:1
Палестина – Ирак 2:1

ТАБЕЛА
1. Јужна Кореја 8 4 4 0 14:7 16
2. Јордан 8 3 4 1 13:7 13
3. Ирак 8 3 3 2 8:7 12
4. Оман 8 3 1 4 8:10 10
5. Палестина 8 1 3 4 7-12 6
6. Кувајт 8 0 5 3 7:14 5

Група Ц
Јапонија – Саудијска Арабија 0:0
Кина – Австралија 0:2
Индонезија – Бахреин 1:0

ТАБЕЛА
1. Јапонија 8 6 2 0 24:2 20
2. Австралија 8 3 4 1 13:6 13
3. Саудиска Арабија 8 2 4 2 4:6 10
4. Индонезија 8 2 3 3 8:14 9
5. Бахреин 8 1 3 4 5-13 6
6. Кина 8 2 0 6 6:19 6