Индија може да ги намали царините за американскиот увоз

Индија е подготвена да размисли за намалување на царините за повеќе од половина од американските стоки вредни 23 милијарди долари, изјавија за Reuters два извора од индиската влада, наведувајќи ги можните отстапки во разговорите за билатералниот трговски договор.

Њу Делхи на тој начин ќе ги намали царините најмногу во изминатите неколку години за да ја отстрани американската закана од реципрочни американски царини, забележува Reuters.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе царини за сите земји кои наплаќаат давачки за увоз на американски производи.

Индиската влада процени во внатрешна анализа дека американските реципрочни царини ќе покријат дури 87 отсто од вкупниот извоз на Индија во САД, во вредност од 66 милијарди долари, изјавија за Reuters два изворa запознаени со ова прашање.

Затоа, Њу Делхи е подготвен да ги намали царините за увоз на 55 отсто од американските стоки кои во моментов подлежат на давачки кои се движат од пет до 30 отсто, рекоа и двата извора. Во таа категорија стоки, Индија е подготвена „значително“ да ги намали царините или дури целосно да ги елиминира за увоз на стоки од САД во вредност од над 23 милијарди долари, рече еден од изворите.

Индиското Министерство за трговија, кабинетот на премиерот и владиниот портпарол не одговориле на е-поштата на Reuters во која бара коментар за наводите на изворот.

Според Светската трговска организација (СТО – WTO), просечната стапка на царини пондерирана според трговијата на САД е околу 2,2 отсто, споредено со 12 отсто во Индија. СТО ги пресметува со делење на вкупните царински приходи со вкупната вредност на увозот.

САД имаат трговски дефицит од 45,6 милијарди долари со Индија, потсетува Reuters.

Индиската влада проценува дека САД ќе ги зголемат давачките за увоз на индиски производи како што се бисери, минерални горива, машини, котли и електрична опрема, кои сочинуваат половина од извозот на Индија во САД, за шест до десет проценти преку реципрочни царини, рекол еден од соговорниците на агенцијата.

Реципрочните американски царини ќе предизвикаат најголемо нарушување на извозот на автомобили и фармацевтски производи на Индија во вредност од 11 милијарди долари, со оглед на нивната зависност од американскиот пазар, рече друг официјален претставник, додавајќи дека таквата резолуција потенцијално ќе има најголема корист од алтернативните добавувачи како Индонезија, Израел и Виетнам.