
Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски од СДСМ, е осуден на казна затвор во траење од година и шест месеци за „несовесно работење во службата“ и оштетување на буџетот на локалната власт.
Основниот суд во Свети Николе, одлуката ја донела на 4 март годинава според која што покрај казната затвор, Василевски треба да плати 2.285.044 денари како оштета на општината.
Велковски, додека бил градоначалник, склучил договор за реализација на проект на 19.6.2019 година, со ДГТУ Еврорадба инжинерин ДООЕЛ, за што пак, на 27.12.2019 потпишал договор за финансиска помош за истиот проект со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во износ од 2.285.044 денари. Услов за исплата на средствата бил проектот да се заврши до 31.12 2020 година. Но, Василевски, неколку пати, без основ, го продолжувал рокот за изведба со ДГТУ Еврорадба инжинерин ДООЕЛ, со што рокот бил продолжен до 15.5.2021 година, а буџетот на општината оштетен поради нарушување на договорот со финансиерот, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Со Велковски се поврзуваат повеќе скандали додека беше прв човек на општината. Беше критикувана неговата честа отсутност од работното место.
Овој градоначалник во јавноста стана познат откако се дозна дека неговата ќерка, на наградна игра организирана од Општината Лозово ја доби главната награда – шпорет!
Со него беше поврзан и скандал за насилство и мобинг спроведуван врз вработена во општината и врз вработена во општинското училиште.