
Соединетите држави објавија во вторникот дека постигнале договор со Украина и со Русија за прекин на огнот во Црното Море и суспендирање на нападите врз енергетската инфраструктура, а Вашингтон, исто така, вети дека ќе бара укинување на некои финансиски санкции кон Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека прекинот на огнот во Црното Море и нападите врз енергетската инфраструктура ќе стапат на сила веднаш во вторник и дека ќе побара од американскиот претседател Доналд Трамп да му даде оружје и да ја санкционира Русија доколку Москва го прекрши договорот.
„Американската страна верува дека нашите договори стапуваат на сила откако ќе бидат објавени од американска страна“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев, додавајќи дека не верува оти Русија ќе го почитува договорот.
Зеленски предупреди дека договорот не предвидува преземање чекори во случај Русија да го прекрши и дека директно ќе се обрати до САД доколку тоа се случи.
„Ние воопшто не им веруваме на Русите, но ќе бидеме конструктивни“, рече тој.
Кремљ претходно објави дека Москва се согласила да обезбеди безбедна пловидба во Црното Море, под услов да бидат укинати западните санкции против компаниите кои се занимаваат со извоз на земјоделски производи и ѓубрива.
Русија и САД, исто така, се согласија да развијат мерки за запирање на нападите врз руската и украинската енергетска инфраструктура на 30 дена.
Крмељ на својот канал на платформата Telegram во вторникот вечерта потврди дека Русија и САД се договориле за списокот на руски и украински објекти кои подлежат на привремениот мораториум на напади врз електроенергетскиот систем. Според објавата, оваа листа вклучува: рафинерии, нафтоводи и гасоводи како и капацитети за складирање енергенси, вклучително и пумпни станици; инфраструктура за производство и пренос на електрична енергија, вклучувајќи електрани, трафостаници, трансформатори и дистрибутери; нуклеарни централи и брани на хидроелектани.
Кремљ, исто така, потврди дека САД се согласиле да помогнат во обновувањето на пристапот на Русија до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, но со голем број услови.
За да се имплементираат двата дела од договорот, западните санкции врз руската банка „Роселхозбанк“, која работи со земјоделски компании, ќе мора да бидат укинати и да ѝ се врати пристапот до меѓународнот банкарски SWIFT систем.
Ќе мора да бидат укинати и санкциите наметнати врз руските извозници на земјоделски производи и ѓубрива и осигурителни компании, за одржување на бродови во пристаништата и ограничувањата за бродовите и трговските плаќања, објави Кремљ.
Соединетите држави објавија претходно во вторникот дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забрана за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Двете земји се согласија дека „ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти американската влада, која посредуваше во преговорите.
Соединетите држави, кога станува збор за Украина, исто така ветуваат „ќе ги поддржат напорите насочени кон размена на затвореници, ослободување на цивили и враќање на присилно раселените украински деца“.
Русија, која во моментов е под бројни санкции, може да смета на поддршката од Белата куќа кога станува збор за „рускиот пристап до глобалниот пазар за извоз на земјоделски и вештачки ѓубрива, намалување на трошоците за поморско осигурување и подобрување на пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции“.
За време на разговорите, САД „повторија дека претседателот Доналд Трамп безусловно сака да стави крај на загубата на животи на двете страни“. Вашингтон „ќе продолжи да организира преговори меѓу двете страни за на крајот да се постигне мирен исход“, се вели во најавите.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров рече дека Киев ги поддржува двата договори за прекин на огнот со Русија објавени од САД во вторникот и дека Украина ќе ги пречека третите земји да го следат спроведувањето на договорите.
Во објавата на Х, Умеров напиша дека Украина ќе го смета секое движење на бродови на руската морнарица надвор од источниот дел на Црното Море за прекршување на договорот и дека доколку се случи такво нешто, ќе си дозволи право на самоодбрана.