
Социјални работници во Прилеп, Неготино и Тетово во текот на денешниот ден изразија поддршка за нивната 36-годишна колешка, која вчера беше ранета од огнено оружје. Побараа итни мерки за заштита – нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
– Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, изјави Павлинка Волканоска, социјален работник од Неготино.
Ѓурѓица Новеска, социјален работник од Тетово рече дека на службеник кој решава сензитивни прашања, никој не треба да му врши притисок врз здравјето и работата.
Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Зоран Малкоски смета дека ова пукање е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи низ државава.
– Не знам што треба да се преземе. Ова е специфична институција каде 90 отсто од населението доаѓа за да се решаваат нивните проблеми. Точно е дека секојдневно добиваме вербални, па и физички закани. Мора нешто да се преземе, но, треба консулстација на ниво на Министерство, рече Малкоски.
Тој рече дека не знае зошто не биле информирани за бегството на осомничениот од Психијатриската болница во Демир Хисар.
„Не знам сѐ уште зошто никој не нѐ извести за бегството на осомничениот кого добро го знаеме. Се зачудив кога го видов во просториите. Моите обиди да стапам во контакт со директорот на Психијатриската болница беа безуспешни“, додаде Малкоски.
Во Центарот за социјални работи неколку години се водел предмет за осомничениот во бракоразводна парница.
„ Во почетокот, колешката која е ранета беше дел од тимот, но, подоцна кога кажа дека добивала закани од него, ја отстранивме“, појасни Малкоски.
Социјалната работничка, која вчера беше повредена на работното место, е во стабилна состојба. Според Малкоски, дел од вработените побарале медицинска помош по трауматскиот настан со пукањето вчера околу 14 часот.
Државното јавно обвинителство попладнево соопшти дека покренува истрага против 50-годишниот прилепчанец кој се сомничи за кривично дело „ обид за убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи“. За него, Обвинителството бара мерка притвор.
Итни мерки за нивна заштита, побараа денеска социјални работници во Неготино, од Министерството за социјална политика, демографија и млади, пред јавната установа, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Неготино. Тие ги изразија својата загриженост и револт поради зголемените случаи на насилство врз вработените во центрите за социјална работа. Особено по најновиот случај со напад на нивна колешка во Прилеп.
„Тоа е јасен показател дека итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме“, рече Павлинка Волканоска, водител на случај социјален работник.
Појасни кои се итните мерки што ги бараат. Законска заштита, донесување законски измени со кои нападот врз социјален работник ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички, од внатрешни и надворешни субјекти). Физичко обезбедување, задолжително присуство на обезбедување во сите центри за социјална работа. Психосоцијална поддршка, обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Унапредување на условите за работа, подобрување на работните услови и зголемување на платите без условување со минат труд. Построги санкции за насилниците, итно процесирање на сите случаи на напад врз социјални работници и соодветно санкционирање.
На јавниот собир, социјалните работници го изразија незадоволството и повикаа на институционална одговорност.
„Очекуваме Министерството итно да реагира и да преземе конкретни мерки за заштита на социјалните работници“, подвлече Волканоска.