Во руско-американските преговори за Украина можеби ќе бидат вклучени и ОН

Разговорите меѓу Русија и САД беа предизвикувачки но полезни, а Обединетите нации и другите земји ќе бидат вклучени во дополнителни дискусии, изјавил за агенцијата ТАСС член на руската делегација на разговорите.

„Се разговараше за сѐ – дијалогот беше интензивен и предизвикувачки, но многу полезен за нас и за Американците“, изјави рускиот сенатор Григориј Карасин, додавајќи дека се разговарало за многу прашања.

Карасин, поранешен дипломат, рече дека разговорите ќе продолжат и ќе ги вклучат Обединетите нации и други засега неименувани земји.

„Ние ќе продолжиме да го правиме тоа, вклучително и меѓународната заедница, првенствено Обединетите нации и одделни земји“, вели тој без да прецизира за кои земји станува збор.

„Генерално, впечатокот беше дека стануваше збор за конструктивен дијалог, кој е итно потребен. За тоа се заинтересирани и Американците“, рече Карасин.

Руски извор изјавил за Reuters дека нацрт-заедничката изјава е испратена до Москва и Вашингтон на одобрување, а страните имаат намера да ја објават во вторник.

И портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков не прецизираше кои земји би можеле да бидат вклучени во преговорите меѓу Русија и САД, откако Карасин, челник на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата (горен дом на рускиот парламент) и еден од членовите на руската делегација, за ТАСС изјави дека руско-американските преговори ќе продолжат со вклучување на ОН и други земји.

„Засега немам што да додадам на она што го кажав за ова прашање денеска“, рече Песков, одговарајќи на прашањето на новинарите акредитирани во Кремљ кои земји би можеле да бидат вклучени, дали тоа ќе бидат, на пример, земјите од БРИКС кои, исто така, покренаа мировни иницијативи.