ЕУ: „Безусловното повлекување“ на Русија од Украина услов за укинување или измена на санкциите

Повлекувањето на сите руски сили од Украина ќе биде еден од главните услови за укинување или измена на санкциите на Европската унија, изјави во средата портпаролот на Европската комисија.

Земјите од Европската унија обновија две рамки на санкции против Русија за дополнителни шест месеци на крајот на јануари и на почетокот на овој месец. За какви и да се промени на санкциите потребно е едногласност од 27-те земји-членки.

„Крајот на неиспровоцираната и неоправдана руска агресија во Украина и безусловното повлекување на сите руски воени сили од целата територија на Украина ќе биде еден од главните услови за измена или укинување на санкциите“, рече портпаролот.

Соединетите држави постигнаа засебни договори со Украина и Русија во вторникот за да ги запрат поморските напади и нападите врз енергетската инфраструктура, при што Вашингтон се согласи да изврши притисок за укинување на некои санкции против Москва.

Русија во вторникот соопшти дека Соединетите држави се согласиле да се заложат за укинување на низата западни санкции и ограничувања за извозот и банкарските трансакции на прехранбените компании, вештачките ѓубрива и бродските компании како предуслов за договорот за поморска безбедност во Црното Море, што истовремено ќе го овозможи и украинскиот извоз.

Дипломати тврделе за Reuters дека наводно повеќето ограничувања наведени од Кремљ се однесуваат на санкциите и ограничувањата на Европската унија.