Фон дер Лајен и Кошта: Иднината на Србија во ЕУ, но потребен е напредок во реформите

Високите претставници на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта во вторникот изјавија дека иднината на Србија е во ЕУ, но дека Белград треба да постигне напредок во реформите поврзани со слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборите.

Претседателот на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет на X објавија дека имале „важна средба“ со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел.

„Србија треба да спроведе реформи поврзани со нејзиниот пат кон ЕУ, особено преземање одлучни чекори кон слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи. Иднината на Србија е во ЕУ“, напиша Фон дер Лајен.

Коста напиша речиси идентична порака, наведувајќи дека разговарале за „потребата од унапредување на реформите поврзани со членството во ЕУ“.

„Потребен е напредок во областите на слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи. На дофат се опипливи достигнувања во овие области кои можат директно да му користат на српскиот народ. Иднината на Србија е во ЕУ“, рече Кошта.

По работната вечера со европските челници, Вучиќ на српските новинари во Брисел им рече дека разговорот бил „срдечен, суштински, отворен, одговорен и сериозен“.

„Поминавме низ многу теми, клучна тема беше европската иднина на Србија. Реков дека Србија ќе биде апсолутно посветена на таа цел, и повеќе отколку што беше досега, но реков и дека наскоро ќе имаме одлука за формирање нова влада или одлука за нови избори“, рече Вучиќ.

Вучиќ го посети Брисел во екот на протестите што ја потресоа владата на неговата Српска напредна партија (СНС), од која формално се повлече во мај 2023 година, предавајќи му го водството на Милош Вучевиќ, актуелниот шеф на владата во технички мандат.

Вучевиќ поднесе оставка во јануари поради бранот студентски и граѓански протести, а директна причина беше инцидентот во кој членови и симпатизери на СНС брутално претепаа група студенти и со бејзбол палка ја скршија вилицата на студентка, кои го каменуваа нивниот партиски штаб.

Вучиќ мора да избере нов премиер до 18-ти април, а доколку тоа не се случи, српскиот претседател е должен да го распушти Народното собрание и да распише предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на почетокот на јуни.

 

Вучиќ: Немаше никаков звучен топ

Вучиќ, исто така, нагласи дека на европските челници им рекол дека на протестот во Белград на 15-ти март не бил употребен никакво ткн „звучен топ“, потсетувајќи ги и на оценките на американски стручњаци и производител на таквиот уред кој го употребуваат западните полиции, како и дека српските власти се подготвени да дозволат ЕУ да го потврди тоа.

„На моите домаќини им кажав дека нема звучен топ и дека сме подготвени тоа да го проверат на секој начин“, рече Вучиќ.

Изјави и дека смета оти Фон дер Лајен и Кошта можеле да видат колку трпение „покажала српската влада во намерата да го одржи целосниот мир, никаде да не покажува нервоза на кој било начин и да не употребува сила“.

„Тоа ќе продолжиме да го правиме на овој начин, со желба Србија да оди напред и условите да се стабилизираат, децата да се вратат на училиште и да престанат бесмислените блокади“, додаде Вучиќ.

Група пратеници на Европскиот парламент пред пристигнувањето на Вучиќ во Брисел испрати писмо до шефот на Европската комисија во кое се вели дека средбата испраќа „штетен сигнал“.

„Тајмингот на состанокот испраќа крајно вознемирувачки и штетен сигнал со оглед на длабочината и сериозноста на политичката криза во Србија“, се вели во писмото испратено до претседателот на Комисијата од 32 европратеници од партиите на Социјалдемократите, либералите, зелените и левицата, по повод најавата за средбите со Вучиќ.