
Германските власти во средата извршиле насочени претреси против припадници на еритрејската организација „Бригада Н’Хамеду“ обвинети за наводно основање терористичка група со цел да извршат напади врз политички противници.
„Извршени се претреси во 19 објекти низ Германија. 17 лица се осомничени дека се членови на терористичка организација“, соопшти Јавното обвинителство во Карлсруе, кое ја води операцијата.
Припадниците на организацијата „Бригада Н’Хамеду“ се обвинети дека наводно планирале напади врз сонародници кои ја поддржуваат владата во Еритреја.
Како што се наведува во соопштението на државното правобранителство, некои членови на оваа организација „не се двоумат да прибегнат кон насилство врз германските државни институции и државните претставници“.
Неколку напади последните години врз здруженија на Еритрејци кои живеат во Германија доведоа до ескалација на насилството, во кое неколку полицајци беа тешко повредени. Крајната цел на групацијата чие дејствување во Германија е забрането е да ја собори владата во Еритреја.
Акциите против забранетата еритрејска група беа спроведени истовремено во соседна Данска. А еден од водачите на минатогодишните напади во меѓувреме веќе е осуден на неколку години затвор во Холандија.