Именувани 13 судии во Судот на правдата на ЕУ

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска именуваше тринаесет судии во Општиот суд при Судот на правдата на Европската Унија.

Двајца од нив – Италијанецот Франческо Бестањо и Хрватката Тања Павелин се нови судии, додека Инга Реине и Петерис Зилгалвис од Летонија, Саулиус Лукас Каледа од Литванија, Тамара Перишин од Хрватска, Ерве Касањабер и Лорен Тришо од Франција, Давид Петрлик и Петра Шкварилова-Пелзл од Чешка и Улф Оберг од Шведска се реизбрани за нов мандат.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овие 11 судии се избрани со мандат од 1 септември 2025 до 31 август 2031 година.

Дополнително, Дануте Јочиена од Литванија и Јорген Хетбе од Шведска се именувани како замени за Римвидас Норкус, кој беше избран за генерален адвокат на Судот, односно Фредрик Шалин, кој беше назначен за судија на Судот на правдата на ЕУ. Јочеина и Хетбе се избрани за судии на Општиот суд за периодот до истекот на мандатот на судиите што ги заменуваат, односно до 31 август оваа година.

Судиите на Судот на правдата на ЕУ се именуваат со консензус на земјите членки врз основа на консултации со специјална комисија одговорна за давање мислење за тоа дали предложените кандидати ги исполнуваат потребните услови и дали се соодветни за извршување на судската функција.

Општиот суд ја има улогата на првостепена судска инстанца во рамките на Судот на правдата на ЕУ надлежен за спорови меѓу правни или физички лица и земјите членки со институциите на Унијата, како и за постапки поврзани со трговските мерки на блокот, со заедничкиот систем на ДДВ, со акцизите и царинските правила и тарифници, со компензации и помош на патниците во случај на доцнење, со откажување или одбивање на транспортни услуги или со тргувањето со дозволени емисии на стакленички гасови. Пресудите на Општиот суд се обжалуваат пред Судот на правдата.

Прашањата поврзани со начелата на Унијата, како што се договорите за функционирање на ЕУ или Повелбата за основните права се во директна надлежност на Европскиот суд на правдата.