Кога Видевски го прашал Палчо зошто ја убил Вања тој само ги кренал рамениците

Обвинетиот каратист Боре Видевски, на кому му се суди за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кога бил уапсен од полицијата, па давал исказ пред обвинител, раскажал сѐ, во детали, планот и реализацијата на грозоморниот чин. Ова го покажуваат записниците кои беа читани во судницата, а откако Видевски, во тек на судењето, реши да негира било каква поврзаност со убиствата. Прашања до обвинетиот поставуваше и судијата Ивица Стефановски, кој го праша, зошто носеле радио станици со нив, што се гледа од снимките кои беа презентирани. Според Видевски, вообичаено било да зборуваат на мотороли во партијата.

„Партијата планираше активности, собиравме декларации за името на МПЦ-ОА. Радиостаниците, претпоставувам, беа за конекција, за да комуницираме ако има повеќе народ. Еден стои напред, друг позади и не се користат мобилни“, рече Видевски, образложувајќи ги ноќните снимки.

Откако на претходните рочишта, првообвинетот Љупчо Палевски-Палчо сведочеше дека пиштолот на Видевски е „клучот“ за разчистување на убиствата, судијата Стефановски го праша обвинетиот – каде му е оружјето за кое имал валидна дозвола.

„Не знам. Повеќе години не ми текнало на него, не знам каде е ставен. Во 2017 година се правеше пререгистрација на дозволите, но не го барав пиштолот, отидов само со дозволите. Без овие година и пол (додека е во притвор), го немам видено пиштолот. Беше на разни места во куќата, па дислоциран надвор“, одговори Видевски.

Прашан од судијата Стефановски, кој го изнел пиштолот надвор, Видевски одговори: „Јас, но не се сеќавам каде го дислоцирав, каде е ставен. Не сум љубител на ооружје, купен е од помодарство пред 30 години“.

Обвинетиот Видевски не образложи ниту зошто го изнел од дома.

На претходните рочишта, Марјан Витановски, поранешен адвокат на Љупчо Палевски-Палчо, рече дека случајот ќе се расчистел ако чаурата најдена на едно од местата каде се случија убиствата се поврзе со оружјето на Видевски.

Судијата го праша обвинетиот и дали му било чудно што Велибор Манев, го поканил доцна навечер да се прошета со него, па му дал да стави ракавици, на што Видевски одговори: „Не ми се верува дека било многу доцна, а и друг пат знаеше да ми каже, ‘имам работа, дојди ако сакаш’“.

Обвинителката Јосифовска го читаше исказот што каратистот Боре Видевски го дал во обвинителството, во кое тој детално објасни како го грабнале Жежовски и како Палчо го убил.

Она што е спротивно од минатото сведочење е исказот на Видевски за киднапирањето на Вања. Боре во обвинителството рекол дека Палчо од таткото на девојчето разбрал кое време ќе излезе од дома.

Кога ја стигнале на местото почнале да ја одврзуваат Вања.

-Тогаш слушнав истрел, девојчето беше убиено од куршумот на Палевски. Го прашав зошто го направи тоа, но тој само ги крена рамениците. Кога ја закопавме се вративме во Десна и тогаш пак го прашав зошто ја уби кога за неа требаше да бараме откуп. Тој рече: „Да помине малку време ќе бараме“, го читаше исказот на Видевски обвинителката Јосифовска.

На следното рочиште, исказ треба да даде Влатко Кешишев.