
Во тек се разговори меѓу Русија и Соединетите држави за гасоводот Северен тек што ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море, изјави во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за руската телевизија.
Лавров рече дека би било интересно да се види „дали Американците ќе го искористат своето влијание врз Европа и ќе ја принудат да престане да го отфрла рускиот гас“, цитира агенцијата ТАСС.
Лавров не соопшти детали од разговорот. Неговите коментари следат по извештаите дека пуштањето во употреба на поновиот гасовод, Северен тек 2, би можело да биде дел од американско-рускиот договор за ставање крај на војната во Украина, веројатно со учество на американски инвеститори.
Северен тек 2, кој е дизајниран и за транспорт на водород, не беше целосно пуштен во функција, откако наводно го суспендираше германската влада по инвазијата на Русија на Украина во февруари 2022 година. Во подводни експлози во септември истата година беше уништена едната од двете цевководни линиии на завршениот гасовод.
Другите експлозии во исто време ги оштетија двата цевководи на гасоводот Северен тек 1, кој беше пуштен во употреба во 2011 година. Русија го минимизираше испорачувањето на гас преку овој гасовод од крајот на август 2022 година, откако германската копманија „Siemens“ повикувајќи се на западните санкции одби да ги врати од редовниот ремонт постројките на црпните станици.
Лавров посочи дека рускиот гас бил одбиен од политички причини и дека тоа ја принудило германската индустрија да плати повисоки цени на енергијата. Во своите критики, тој за ваквата ситуација ги именуваше германскиот министер за економија во заминување Роберт Хабек, германскиот министер за одбрана во заминување Борис Писториус и претседателката на Комисијата на Европската унија, Урсула фон дер Лајен.
„Тие велат дека нема да го рестартираат Северен тек по секоја цена. Овие луѓе се болни или се самоубиствени“, рече шефот на руската дипломатија.
Откако беше прекината испораката на гасоводот, Германија увезува големи количества течен природен гас од САД и други извори.
Американски интерес
На почетокот од март германскиот весник Bild објави дека специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Ричард Гренел неколкупати патувал во Швајцарија за да преговара за продолжување на функционирањето на гасоводот Северен тек.
Седиштето на конзорциумот „Nord Stream“ е во швајцарискиот град Цуг, а неговите членови се рускиот производител на гас „Газпром“, со удел од 51 отсто, како и германските енергетски компании „Wintershall Dea“ и E.ON, француската „Engie“ и холандската „Gasunie“.
Според Bild, договорот претпоставува дека Американците ќе дејствуваат како посредници во снабдувањето со руски гас преку Северен тек 2. Во исто време се планира обновување и на гасоводот Северен тек 1 со цел да се транспортира зелен водород од Финска до Германија.
Во написот беше наведено и дека американската влада нема да биде директно вклучена во договорот.
Претходно и американски Financial Times објави, повикувајќи се на свои извори, дека директорот на операторот на гасоводот Северен тек 2, компанијата „Nord Stream 2 AG“, Матијас Варниг, има намера да го обнови гасоводот со поддршка на американските инвеститори и планира за тоа да разговара со тимот на Доналд Трамп. Беше нагласено дека еден од конзорциумите предводени од САД веќе подготвил план за договор со руски „Газпром“ кој би можел да биде склучен по укинувањето на санкциите против Русија.
Во исто време, самиот Варниг изјави за Financial Times дека не учествува во дискусии со американски политичари и деловни претставници и дека се придржува до ограничувањата наметнати од државите.
Ланскиот ноември Кремљ изјави дека гасоводот Северен тек 2 може да започне со работа веднаш, а „Газпром“ не посочи дека планира да го продаде на САД, одговарајќи на медиумските извештаи дека американски инвеститор побарал дозвола од Вашингтон за потенцијално купување.
Имено, непосредно по завршувањето на американските претседателски избори на кои победи Доналд Трамп, The Wall Street Journal објави дека инвеститорот Стивен Линч побарал дозвола од Вашингтон да учествува на евентуална аукција на гасоводот во стечајната постапка на конзорциумот „Nord Stream“ во Швајцарија.
Кантоналниот суд во швајцарски Цуг на крајот на јуни 2024 година по третпат го одложи стечајот на конзорциумот, за уште шест месеци до крајот на годината. Доколку работењето не биде рехабилитирано, судот „автоматски“ ќе прогласи стечај.
Конзорциумот „Nord Stream“ ги поседува гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 составен од вкупно четири цевководи испорачуваше евтин руски гас во Германија од 2011 и 2012 година, соодветно, со вкупен транспортен капацитет од 50 милијарди кубни метри гас годишно.
Гасоводот Северен тек 2 требаше да ги удвои испораките и беше завршен кон крајот на 2021 година. Германските власти постојано го одложуваа издавањето дозволи за почеток на работа, а проектот беше ставен во мирување откако руските војници влегоа во Украина, а во септември 2022 година двата гасовода беа кренати во воздух во очигледен терористички акт со државна поддршка.