
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц, кој стои зад безбедносниот пропуст поврзан со американските напади во Јемен, во вторникот изјави дека тој самиот ја презема одговорноста откако новинар бил вклучен во групата на платфомата Signal којашто тој ја оформил.
„Ја преземам целосната одговорност. Јас ја формирав таа група“, рече Мајк Волц за Fox New во првото интервју откако главниот уредник на магазинот The Atlantic објави дека по грешка бил вклучен во групен разговор со високите функционери на кој се споделувале податоци за претстоен американски удар врз позициите на бунтовничкото хутистичко движење во Јемен.
Волц сугерираше дека е можно да има снимен телефонски број на новинарот за кој мислел дека е на некој друг.
„Ги имаме најдобрите технички тимови кои се обидуваат да дознаат како тоа можело да се случи. Јас тој тип не го познавам, го познавам само по репутацијата и таа е грозна… но не му пишувам“, истакна Волц.
Службата за односи со јавноста на Велата куќа објави соопштение во кое го осудува „координираниот обид да се одвлече вниманието од успехот“ на неодамнешните американски напади врз Хутистите во Јемен.
Претходно Белата куќа потврди дека главниот уредник на магазинот The Atlantic по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветени на нападите врз јеменските бунтовници.
Медиумите силно политички определени против републиканците и особено против претседателот Доналд Трамп го опишуваат инцидентот како „еден од најсериозните безбедносни пропусти во поновата американска воена историја“.
Новинарот Џефри Голдберг во понеделникот во подолга статија откри дека однапред, преку апликацијата за пораки Signal, добил детален план за нападот извршен од американската војска на 15-ти март против оваа бунтовничка група во Јемен.
Голдберг објаснува дека во овој групен разговор учествувале вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот ЏејДи Венс, директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA) Џон Ретклиф и секретарот за одбрана Пит Хегсет.
Белата куќа во вторникот соопшти дека нема протечени никакви доверливи информации кога планот за напад врз Хутистите во Јемен по грешка бил споделен со новинарот.
Претседателот Доналд Трамп во телефонски разговор со NBC NewS во вторникот рече дека вклучувањето на новинарите во доверлив групен разговор е „грешка“ која на крајот „не била сериозна“. Додаде дека Мајк Волц го „научил урокот“ од оваа грешка.