
Припадници на министерството за внатрешни работи (МВР) го приведоа насилникот од Радовиш кој тепаше жена, а насилството го пренесуваше во живо на социјалната платформа „Тик Ток“. Лицето веднаш е однесено во станица, потврдуваат од МВР.
Вознемирувачкото видео се прошири на социјалните мрежи, а извори велат дека насилникот не ја малтретирал само бремената жена, туку и нејзините деца. На снимката се гледа како насилникот постојано ја пцуе и тепа жената за која се тврди дека е бремена.
„Во врска со видео записот кој беше споделен на социјалните мрежи, а во кој се гледа како машко лице насилно се однесува кон женско лице, МВР ја известува јавноста дека СВР Струмица ги презеде сите службени дејствија кои се во надлежност на полицијата, поврзани со конкретниот случај, и насилникот е лишен од слобода. Имено, настанот во СВР Струмица беше пријавен на 23.03.2025 (недела) во 08.25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш. Утврдено е дека машкото лице е А.А.(35) од Радовиш, кој истиот ден во 09.20 часот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш. Исто така, бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година.
Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот“, известуваат од МВР.
На социјалните мрежи се шират и други видеа од истиот насилник кој ја малтретира бремената жена, против истиот веќе има активен судски спор бидејќи претходно малтретирал и друга жена.