Цената на златото над 3.080 долари

Цената на златото надмина 3.080 долари во петокот, поттикнати од континуираната силна побарувачка од централните банки и стравувањата на инвеститорите поради геополитичките и трговските ризици.

На физичкиот пазар, унца злато во претпладневното тргување чинеше 3.083,33 долари, што е за 0,9 отсто повеќе од ценаа на вчерашното затворање на пазарот. Неговата цена накратко достигна 3.086,21 долари, што е највисоко ниво откако златото се тргува на берзата.

На американскиот пазар фјучерсите на златото денеска се тргуваа по еден отсто повисока цена, 3.092,50 долари.

„Во моментов сè оди во полза на златото, вклучително и трговската и фискалната политика на САД, геополитиката и забавувањето на растот“, објаснува Кајл Рода од Capital.com.

Цените ја урнаа психолошката граница од 3.000 долари поради намалувањето на клучните каматни стапки во големите економии, геополитичките конфликти, купувањата на централните банки и неизвесноста создадена од бранот царини.

Инвеститорите традиционално купуваат злато за да ја заштитат вредноста на имотот за време на периоди на зголемена политичка нестабилност и да се спротивстават на падот на каматните стапки. Централните банки, исто така, се обидуваат да ги зајакнат своите биланси и да обезбедат снабдување во период на геополитички и економски тензии.

Во такви услови златото лани поскапе за повеќе од 28 отсто, покажуваат пресметките на здружението на рударски компании WGC.

Централните банки ќе продолжат да купуваат злато оваа година, процени WGC во декември. Кина купи злато четврти месец по ред во февруари, покажуваат податоците на централната банка.

Цената на среброто во петокот беше стабилна на 34,41 долари за унца. Платината падна за 0,1 отсто на 985,34 долари, додека паладиумот поскапе за 0,5 отсто на 980,14 долари.