
Цените на нафтата паднаа во петокот на меѓународните пазари до 73 долари бидејќи расположението на инвеститорите беше обележано со најавите за американски царини, потиснувајќи ги во втор план притисокот врз испораките од Иран и Венецуела.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 66 центи пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 73,37 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по цена пониска за 83 центи, по 69,09 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) заебно објави дека цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во четвртокот изнесувала 76,11 долари, речиси исто како и во средата.
На почетокот од седмицата вниманието на пазарот го привлекоа најавените американски царини за земјите кои купуваат нафта и гас од Венецуела. Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот најави нови царини од 25 отсто за купувачите на нафта и гас од Венецуела, а неколку дена претходно воведе санкции за кинеска рафинерија и нафтени терминали за купување и претовар на иранска нафта.
Кинеските купувања на венецуелска нафта беа запрени во вторникот, при што трговците и рафинерите изјавија дека го чекаат следниот потег на Вашингтон и инструкциите од Пекинг.
Објавувањето на царините, исто така, предизвика загриженост за индиската Reliance Industries, која управува со најголемиот светски рафинирски комплекс и, според неименувани извори, планира да го прекине увозот од Венецуела.
„Снабдувањето е значително намалено поради можната загуба на венецуелската и иранската нафта“, забележува аналитичарот на „Sparta Commodities“, Џун Гох.
Цените беа поддржани и од навестувањата за посилна побарувачка во САД. Залихите на нафта паднаа за 3,3 милиони барели минатата седмица, објави во средата американското Министерство за енергетика.
Кон крајот на седмицата, трговците повторно се фокусираа на најавите на САД за реципрочни царини за земјите кои воведоа давачки за американскиот увоз. Инвеститорите стравуваат дека трговската војна може да предизвика рецесија, се наведува во белешката за клиентите аналитичарите на „JPMorgan“ во петокот.
„Чувството е во голема мера пригушено од стравовите од трговска војна и зголемената несигурност во американската политика. Показателите за побарувачката на нафта остануваат релативно добри, и покрај зголемениот ризик од рецесија“, наведуваат од „JPMorgan“.