Гутереш го отфрли предлогот на Путин, ОН да управуваат со Украина

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш не гледа потреба од нови избори во Украина под надзор на Обединетите нации, отфрлајќи го предлогот на рускиот претседател Владимир Путин.

„Украина има легитимна влада и тоа очигледно мора да се почитува“, рече Гутереш во петокот во Њујорк на прашањето за предлогот на Путин.

Путин претходно предложи Украина да се стави под привремена администрација на ОН додека не се одржат нови избори.

Изјавите на Путин за привремена администрација во Киев се всушност продолжение на неговите долгогодишни прдупредувања дека украинските власти не се доверлив и не се легитимен партнер во преговорите, бидејќи претседателот Володимир Зеленски остана на власт и по крајот на неговиот мандат во мај 2024 година.

„Начелно, се разбира, може да се воспостави привремена администрација во Украина под покровителство на ОН, САД, европските земји и нашите партнери. Тоа би било поради одржување демократски избори и да се донесе на власт способна влада која ја ужива довербата на народот, а потоа со неа да започнат разговори мировен договор“, рече Путин ноќта кон петокот.

Сепак, Украина и нејзините сојузници стравуваат дека Москва ќе ги искористи таквите избори за да инсталира марионетска влада лојална на Кремљ, особено во областите кои се заземени од Русија. Меѓутоа, треба да се има предви и дека и во другите региони на Украина под контрола на Киев руската и рускојазичната заедница е значителна, а во некои области како Одеса и Харков е мнозинска.

Украина е во воена состојба од почетокот на руската инвазија, што доведе до одложување на претседателските и парламентарните избори. Многумина во Украина веруваат дека одржувањето на избори за време на војна би било непрактично и нефер, бидејќи би било тешко да се осигура дека војниците и раселените цивили би можеле да гласаат.

Аналитичарите велат дека Москва го турка овој изборен наратив за да го делегитимира Зеленски и да ја убеди администрацијата на Трамп да ја минимизира неговата улога во мировните преговори, пишува Reuters.