Пи-Арот на Заев, Марјан Забрчанец, демантира текст на НетПрес и со својот адвокат и’ се заканува на редакцијата со судски прогон

Јас, Марјан Забрчанец, укажувам дека јавно изнесените наводи во написот „Ексклузивно видео/ студентски пленум по теркот на Србија или политичка злоупотреба? Снимки од Зум-обуки откриваат координирана стратегија за дестабилизација“, објавен на Нетпрес на ден 25.03.2025 година, дека наводно стојам зад организација која креира координирана стратегија за дестабилизација и дека сум наводен неформален координатор на процеси со кои се манипулира и злоупотребува трагедијата во Кочани, со цел да се вовлече Македонија во сценарио кое институционално ќе ја парализира државата, ќе ја ослаби економски и ќе го разниша демократскиот поредок, се апсолутно невистинити информации, содржат клевети и навреди и се изнесени единствено со намера да се наштети на мојата чест и углед.

Ова е наведено во допис до редакцијата на НетПрес испратен од адвокат Дељо Кадиев, кој е правен застапник на Марјан Забрчанец, своевремно главен човек за Пи-Ар и односи со јавност во владата, додека премиер на Македонија беше Зоран Заев.

Марјан Забрчанец (десно) во време кога извршуваше владина функција, а премиер беше Зоран Заев

„Поради горе наведеното, го доставувам до Вас ова Барање за извинување и јавно повлекување на посочениот текст и со истото барам, во рок од 48 часа сметано од денот на приемот на ова писмо, на начин како што е објавен текстот, да објавите извинување кон мене и истиот јавно да го повлечете, а за кои преземени дејствија навремено ќе ме известите мене лично како и Г-дин Мајан Забрчанец“, пишува во меилот испратен од адвокатот на Забрчанец.

Понатака следува заканата за судски прогон до редакцијата на НетПрес.

Во спротивно, ќе бидам принуден против Вас да поведам граѓанска постапка за утврдување на одговорност за клевета и навреда, согласно одредбите на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Дополнително на тоа, Ви укажувам дека согласно член 9 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Вие ќе имате обврска да ја докажете вистинитоста на сите информации кои ги имате изнесено. Ви укажувам дека доколку не постапите во законски предвидените рокови и на начин предвиден во Законот, ќе биде поднесена тужба за утврдување на одговорност  и надоместување на штета  за навреда и клевета.

Адвокатот Дељо Кадиев со својата колешка Ирена Фрчковска фото: мета.мк