
Рускиот претседател Владимир Путин сугерираше дека Украина би можела да биде ставена под некаква форма на привремена администрација за да се овозможи одржување нови избори во земјата и потпишување на клучните договори со цел да се постигне мировно решение, објавија доцна ноќта кон петокот руските агенции кои оценуваат дека неговите одговори на прашањата на морнарите бездруго подоцна во текот на денот ќе бидат анализирани во кабинетоте во светските престолнини.
Во разговорите со морнарите кои ги следеа медиумите за време на неговата посета на северното пристаниште Мурманск, каде што присуствуаше на поринувањето на нуклеарната подморница „Архангелск“, Путин исто така рече дека Русија постепено но самоуверено се движи кон постигнување на своите цели во конфликтот во Украина, кој трае повеќе од три години.
Изрази уверување дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој тргна кон подобрување на односите со Москва и постигнување договор, искрено сака мир во Украина.
Изјавите на Путин за привремена администрација во Киев се всушност продолжение на неговите долгогодишни поплаки дека украинските власти не се доверлив и не се легитимен партнер во преговорите, бидејќи претседателот Володимир Зеленски остана на власт и по крајот на неговиот мандат во мај 2024 година.
„Начелно, се разбира, може да се воспостави привремена администрација во Украина под покровителство на ОН, САД, европските земји и нашите партнери. Тоа би било поради одржување демократски избори и да се донесе на власт способна влада која ја ужива довербата на народот, а потоа со неа да започнат разговори мировен договор“, рече Путин во разговор со морнарите на пристаништето.
Кога војниците почнале да се распрашуваат што се случува на дипломатскиот фронт, во преговорите со САД, Путин се насмевна, пренесува ТАСС.
„Не обрнувајте внимание на тоа, само вршете ја својата должност – тоа е сè. Направете ја вашата должност. Но, генерално, ова е шега, сфаќам дека сите во светот и кај нас, сите луѓе внимателно го следат ова“, рече Путин.
По малку размислување, Путин решил да го задоволи интересот на морнарите, повторувајќи дека проблемите започнале со „државниот удар“ во 2014 година во Киев, оти војната „ја започнаа оние кои почнаа да убиваат луѓе, прво во Одеса. И тогаш започна војната во Доњецк и Луганск“.
Путин инсисира дека Русија постојано се обидувала да го реши украинското прашање преку дипломатски средства. Прво со договорите од Минск, а потоа при обидот за потигнување мир во Истанбул во март 2022, нецел месец по почетокот на, како што Москва официјално ја нарекува „специјалната воена операција“ во Украина
„Значи нашата земја отсекогаш била за мир. Но, нема да го оставиме украинскиот проблем на нашите деца или внуци… Ние сме за решавање на сите овие прашања со мирни средства. Поминавме осум години обидувајќи се да го решиме по мирен пат. Затоа, ние сме за тоа, но само ако ги елиминираме основните причини што доведоа до денешната ситуација. Бидејќи треба да ја обезбедиме безбедноста на Русија преку долга историска перспектива“, вака Путин ги истакна целите на преговорите што во моментов се водат со Соединетите држави.
Во исто време, Путин изјаи дека искрено верува дека постои шанса за постигнување мир, и дека не зачуден од тоа што преговорите не одат брзо.
„Јасно е дека конфликтот, на крајот на краиштата, е многу сложен и бара внимателна дискусија и пристап“, објасни Путин нагласувајќи дека денес гледа вистинска желба од страна на САД за прекин на конфликтот. Додаде дека знае зошто Белата куќа го сакаше тоа, но не сакаше да појасни.
Путин, исто така, рече дека напорите на Трамп да продолжи со директните преговори со Русија, за разлика од неговиот претходник Џо Бајден, кој избегнуваше контакт – покажуваат дека новиот американски претседател сака мир.
„Според мое мислење, новоизбраниот американски претседател искрено сака крај на конфликтот поради повеќе причини… Русија е за мирно решавање на секој конфликт, вклучително и овој, со мирни средства, но не на наша сметка“, го цитираат агенциите Путин.
Претходно рускиот претседател кажа дека на првите борбени линии ситуацијата станува „сѐ поповолна“ за руската страна, тврдејќи дека 99 отсто од територијата на регионот Луганск, како и 70 отсто од територијата на регионите Херсон и Запорожје во Украина се под контрола на руската војска.
„По целата линија на воен контакт, нашите трупи ја имаат стратешката иницијатива. Русија, наведе тој, истрајно и самоуверено се движи кон остварување на своите цели… И ги има сите причини да веруваме дека ќе… Неодамна реков дека ќе ги ‘крцкаме’, но сега ги има сите причини да веруваме дека ќе ги завршиме“, додаде.