Данска им одговори на САД: Вака не се разговара со блиски сојузници

Данскиот министер за надворешни работи во саботата одговори на критиките на американските челници за управувањето со Гренланд, велејќи дека така не разговараат „блиските сојузници“ и дека САД можат да ја зајакнат својата безбедност без преземање на островот.

„Отворени сме за критики, но, да бидам искрен, не го цениме тонот со кој се изнесени“, рече данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен во видеото на англиски јазик објавено на платформата X.

„Така не им се обраќате на блиските сојузници, а јас сè уште ги сметам Данска и САД за блиски сојузници“, додаде Расмунсен.

Данскиот одговор доаѓа по еднонеделните засилени тензии меѓу двете земји поради најавата за посета на американска висока делегација на автономната данска територија Гренланд, патување кое на крајот беше ограничено на американската воена база во Питуфик во петокот.

Американскиот потпретседател ЏејДи Венс во својот говорот во базата рече дека Данска „не направи добра работа за жителите на Гренланд“, особено критикувајќи го Копенхаген според него дека недоволно вложувал во овој огромен арктички остров со стратешко значење за глобалните поморски патишта и безбедноста на Северна Америка, поради што американскиот претседател Доналд Трамп посакува да ги оствари дамнешните амбиции на Вашингтон островот да биде во рамките на САД.

„Договорот за одбраната од 1951 година им дава на САД многу опции за посилно воено присуство на Гренланд. Ако тоа е она што го сакате, ајде да разговараме за тоа“, рече Расмусен во саботата.

САД имале 17 воени бази и позиции на Гренланд во 1945 година, со илјадници војници, според Расмусен. „Можеме да направиме повеќе, многу повеќе во сегашните рамки“, додаде данскиот министер.

Базата Питуфик им служи на САД како база за противвоздушна одбрана, бидејќи најкраткиот пат за руските ракети минува токму над Гренланд, пишува France Presse.

Данската премиерка Мете Фредериксен одговори на „нефер“ критиките од Американците во петокот навечер, потсетувајќи дека Данска отсекогаш била на американската страна во „тешките ситуации“, мислејќи првенствено на приклучувањето кон воените коалиции во Ирак и Авганистан.

Доналд Трамп во петокот повтори дека на САД им е потребен Гренланд. „Ова е многу важно за меѓународната безбедност“, рече меѓу другото американскиот претседател.

Данска во јануари објави дека ќе одвои речиси две милијарди евра за зајакнување на своето воено присуство на Арктикот и Северен Атлантик.

И покрај заканувачкиот тон на Трамп, неговиот потпретседател ја отфрли можноста за употреба на сила за заземање на автономната данска територија, тврдејќи дека Вашингтон ќе успее да ги убеди Гренланѓаните да се приклучат на САД и да потпишат договор со нив.

„Веруваме дека граѓаните на Гренланд се претпазливи и дека ќе успееме да постигнеме договор, во стилот на Доналд Трамп, за да ја обезбедиме безбедноста на оваа територија, но и на САД“, рече Венс.

„Мислам дека тие на крајот ќе влезат во партнерство со САД“, продолжи Венс, заклучувајќи дека тоа ќе ги направи Гренланѓаните „многу побезбедни, но и побогати“.

На островот неодамна се одржаа парламентарни избори, а резултатите покажаа дека мнозинството Гренландци сакаат независност на нивната територија, која ужива голем степен на автономија во рамките на Данска, пишува агенцијата France Presse.