
Жителите на Европа и другите делови на северната хемисфера уживаа во делумно затемнување на Сонцето во саботата.
Затемнување на Сонцето се случува кога Месечината поминува пред таа ѕвезда и ја блокира нејзината светлина. Станува збор за посебен астрономски настан за кој мора да се усогласат позициите на Сонцето, Месечината и Земјата.
Делумното затемнување, како што се гледа денеска, се однесува на феноменот кога земјиниот сателит „крие“ само дел од Сонцето. Иако затемнувањето беше само делумно, експертите ги предупредија Европејците сепак да го набљудуваат со претпазливост. Така, германската метеоролошка служба посебно предупреди да не се набљудува со двоглед или телескоп и советуваше да се носат специјални очила.
„Првите жители што ќе го видат ќе бидат жителите на Мавританија и Мароко, а последните оние на северен Сибир“, изјави претходно за агенцијата France Presse Флоран Делефли, астроном од париската опсерваторија PSL.
Затемнувањето траеше од околу 10 до 14 часот по македонско време, пишува француската агенција. Париската опсерваторија соопшти дека го достигнал својот максимум во 11,47 часот, над североисточниот дел на Канада и Гренланд.
Затемнувањето никаде нема да биде целосно, но во делови од Канада, Месечината покривала околу 90 отсто од Сонцето, пренесува The Guardian.
Германските медиуми јавуваат дека следното делумно затемнување над централна Европа ќе биде на 12-ти август следната година, кога повеќе од 80 отсто од Сонцето ќе биде покриено. Следното целосно затемнување не се очекува до 2081 година, пренесува агенцијата dpa.