
Палестинското вооружено движење Хамас се согласи со предлогот за прекин на огнот во Газа поднесен пред два дена од посредниците од Египет и Катар, изјави во саботата лидерот на движењето.
„Пред два дена добивме предлог од посредници од Египет и Катар. Го проучувавме и решивме да го прифатиме“, рече Калил ал Хаија во телевизискиот говор.
„Се надеваме дека израелската окупација нема да го поткопа“, додаде Хаија, кој го предводи преговарачкиот тим на Хамас во индиректните разговори чија цел е да се обезбеди прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Газа, која започна во октомври 2023 година.
На Хамас му се предлага секоја недела да ослободи пет израелски заложници кои сè уште ги држи во заробеништво, велат изворите.
Претходно саудиските медиуми објавија дека Хамас се согласил со предлогот на посредниците за 50-дневно примирје во Појасот Газа во замена за ослободување и предавање пет израелски заложници, живи и нивните тела.
Кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека во согласност со предлогот што му го дале посредниците, досега одржал низа консултации и дека Израел во целосна координација со САД им пренел контрапредлог на посредниците.
Кабинетот на премиерот Нетанјаху не одговорил веднаш на прашањето на Reuters за тоа дали и тој се согласува со предлогот за прекин на огнот.