
Фудбалерите на Нотингем Форест се пласираа во полуфиналето на овосезонското издание на најстарото фудбалско натпреварување во светот, англискиот ФА Куп. Тие во четвртфиналето како гости го совладаа Брајтон и Хоув Албион со подобро изведување пенали со 4:3, откако во текот на сите 120 минути не беа постигнати голови.
За Нотингем Форест, хит тимот во Англија оваа сезона, ова е прв настап во полуфиналето на ФА Купот по 34 години, откако стигнаа до финалето во 1991 година, каде што загубија од Тотенхем Хотспур.
Форест, кој моментално е трет на табелата во Премиер лигата, има две титули во ФА Купот, но тие беа освоени во многу далечните 1898 и 1959 година.
Претходно во саботата, Кристал Палас, исто така, стигна до полуфиналето, победувајќи го својот градски ривал Фулам со 3:0 (2:0). Езе (34) и Сар (39) ги доведоа гостите во водство од 2:0 со погодоците во интервал од пет минути во втората половина од првото полувреме, пред Нкетиа (74) во вториот дел да го потврди пласманот.
Во недела се играат дуелите Престон Норт Енд со Астон Вила, а Борнемут ќе игра со Манчестер Сити.