Одговорност за трагедијата во Кочани но без политички манифестации, апелира ДС

Централниот совет на Демократски сојуз во саботата расправаше за актуелните политички состојби во земјата, посебно од аспект на злоупотребата на страшната трагедија за политички манипулации и обидите за блокада на институциите да не можат да ги извршуваат своите функции сврзани со борбата против тешките облици на криминал и висока корупција.

Демократскиот сојуз во соопштение за јавноста ги повикува сите институции, посебно МВР и Јавното обвинителство да иницираат истрага за одговорноста за сите за кои има елементи за одговорност.

„Не смее да се дозволи влијание на партиите или селективност во постапувањето. Обидите за злоупотреба и политички профит од оваа трагедија ќе ги препознаваат и осудат граѓаните“, се истакнува во соопштението.

Од Демократскиот сојуз посочуваат дека протестите се демократско право и начин на изразување на незадоволство и поттик на власта да спроведе системски и коренити реформи и да се зајакне одговорноста на секој носител на функција, но истакнуваат протоа дека е неопходна и поширока граѓанска одговорност за да се спречат трагедии од ваков вид.

„Демократскиот сојуз ги повикува членовите и симпатизерите на ДС, како и сите граѓани, да помогнат на семејствата на настраданите во Кочани. Сега од кога било ни се потребни сплотеност и единство“, се вели во обраќањето до јавноста.