
Тендерот за анкетите е согласно годишниот план, за разлика од тендерите на СДС, не е во четири очи, а ако одиме по аналогијата на СДС за донации во Кочани треба да оди хациендата на Филипче на Водно, одговори на прес-конференција во саботата пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на новинарско прашање по претходната прес-конференција и обвинувањето од портпаролката на опозициските социјаллдемократи, Богданка Кузеска.
„Политиката на СДС се сведува само на евтин популизам. По нивната аналогија од која на секој нормален му се гади, би требало да ги повикаме целиот имот на Заев во Дубаи стекнат со криминал да се поклони за донации за Кочани, и целата украдена и криминално стекната хациенда на Венко Филипче сместена на Водно исто така да биде поклонета за цели за Кочани“, рече Петрушевски.
Пратеникот побара „итно“ да се престане со таквата политија на „ниски страсти и некрофилија“.
„СДС пред да излезат на прес-конференција треба да знаат дека со нивните прес-конференции одат против себе, затоа што ист таков тендер, со иста таква сума одобриле и распишале тие додека биле на власт, и дека впрочем тоа е тендер предвиден со планот на јавни набавки“, појасни Петрушевски.
Според него, суштината се состои во тоа дека станува збор за целосно законска постапка која ги опфаќа сите законски аспекти и посочи дека во конкретниот сучај е испочитувана постапката
„Нема договарања во четири очи, и нема провизии како во минатото кога тоа беше омилена практика на СДС и ДУИ. И затоа сега СДС свесно прави забуна и вулгаризира, иако ова е истиот тендер кои тие го спроведувале редовно но очигледно тоа го правеле за да задоволат свои интереси, а не за да ја видат реалната слика за нивните политики, не се тоа анкети за мерење рејтинг, туку истражувања на јавното мислење за политики и проверка на проекти и реформи дали народот ги прифаќа или не“, рече Петрушевски.
Посочи дека спротивно на претходното осумгодишно владеење на СДСМ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го слуша народот и прифаќа сѐ што ќе дојде од него како порака, како и дека анализира дали проектите се поддржуваат или потребни се промени.
„Само така може да се спроведуваат конзистентни политики базирани на интересот на јавноста наспроти политиките на СДС кои беа за интересот на малкумина од СДС и ДУИ. Да не се заборави дека СДС се мајсторите за криминални тендери во четири очи. Е тоа време заврши. Очигледно СДС не се менува“, заклучи Петрушевски.