
Директорката на Клиниката за пластична хиругија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска, уверува дека сѐ што има надвор од државата во однос на пластичната хирургија, се нуди и на клиниката при Скопскиот клинички центар.
Третманите многу зависат од оштетувањето и лузните на кожата, рече директорката на средбата со медиумите во однос на состојбата на повредените од пожарот во дискотеката во Кочани во кој пред две седмици загинаа 59 главно млади луѓе а уште над 190 беа повредени.
„Од првиот ден се трудиме лузните на пациентите да ги превенираме и да ги сведеме на минимум. Ги советуваме пациентите како треба да се однесуваат со нивната веќе изгорена кожа која иако е заздравена, е многу нежна. Им препорачуваме хидратантни креми од медицинска козметика, без парфеми и бои, со заштитен фактор 50. Најдобро е воопшто да не излегуваат на сонце за лузните да не пигментираат. На сите пациенти им се дадени пакетчиња со креми за соодветен третман. Се имаме и ние што се нуди надвор. Имаме и хирурушки зафати за ставање експандери за експандирање на нормалната кожа за да се покрија лузните на лицето, рацете… Го работиме тоа со години наназад“, рече Ѓоргиевска Павловска.