Мицкоски: Прерано е да се разговара за заеднички кандидат со СДСМ за градоначалник во Кочани

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека рано е да се размислува за заеднички кандидат за градоначалник на Кочани, по информациите дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, планира да го изнесе тој предлог на лидерска средба.

„Не би влегувал во таков тип на политиканство, се уште раните од ужасната трагедија не се залечени, а ние сега да размислуваме за заеднички кандидат за Кочани. Тоа ќе предизвика дополнителна болка за луѓето кои ги загубија своите најблиски, Уште не се 40 дена поминати од тој настан“, рече Мицкоски

По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во пожар загинаа 59 луѓе, а над 180 беа повредени, градоначалникот Љупчо Папазов, следнио ден си поднесе неотповиклива оставка. Тој е опфтен и со истрагата на обвинителството којашто се води за случајот, заедно со претходните двајца градоначалници, откако стана извесно дека диското работело со години без да ги исполнува безбедносните гаранции.