Телата на палестински болничари извлечени од плитка гробница во песокот на Газа

Телата на осумте болничари од Црвената полумесечина и уште неколку палестински спасувачи, кои се најдоа под израелски оган пред повеќе од една седмица, се извлечени од гробница во песокот во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија во понеделник официјални лица на Обединетите нации.

Шефот на агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA), Филип Лазарини, во понеделникот на социјалната платформа Х објави дека посмртните останки биле „фрлени во плитки гробници, што е целосно нарушување на човечкото достоинство“.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст во соопштение доцна во неделата рече дека е „згрозен“ од убиствата.

„Нивните тела беа идентификувани и извлечени денеска за достоинствен погреб. Овие работници и волонтери ги ризикуваа своите животи за да им дадат поддршка на другите“, се вели во соопштението.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) соопшти дека еден член од тимот од девет болничари од Црвената полумесечина и натаму се води како исчезнат. Федерацијата веднаш не соопшти детали за тоа каде се пронајдени телата. Групата медиицнски работници исчезна на 23 март, откако Израел ја продолжи својата офанзива против Хамас претходно овој месец.

Палестинската Црвена полумесечина, исто така, соопшти дека пронашла тела на шест лица од цивилната одбрана и еден вработен во ОН во истата област. Организацијата соопшти дека израелските сили намерно ги гаѓале работниците.

Во изјавите на Црвениот крст, пак, не се наведува одговорност за нападите.

Израелската војска во понеделникот соопшти дека истрагата покажала дека на 23 март војници отвориле оган врз група возила, вклучително и амбулантни и противпожарни возила, кога возилата се приближиле до нивната позиција без претходна координација, вклучени светла или сирени.

Израелските одбранбени сили (IDF) додадоа дека „убиени се неколку милитанти кои припаѓаат на групите Хамас и Исламски џихад“.

„Израелската војска ја осудува повеќекратната употреба на цивилна инфраструктура од страна на терористичките организации во Појасот Газа, вклучително и употребата на медицински установи и амбулантни возила за терористички цели“, се вели во соопштението на војската.

Џонатан Витал, шеф на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во Газа, го опиша местото каде што се пронајдени телата како „масовна гробница“ и додаде дека боло одбележано со светилката од оштетеното амбулантно возило.

Израелската војска директно не ја коментираше смртта на работниците на Црвената полумесечина.

Во подоцнежната изјава за Reuters, војската додаде дека го олеснила извлекувањето на телата од областа, која ја опиша како активна борбена зона. Војската не одговори на прашањата зошто телата се пронајдени под песок или зошто возилата се најдени тешко оштетени.

Лазарини рече дека нивната смрт го донесе вкупниот број на хуманитарни работници убиени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа на 408. Инцидентот го претставува најсмртоносниот напад врз работниците на Црвениот крст или Црвената полумесечина во светот од 2017 година, соопшти ИФРЦ.

„Моето срце е скршено. Овие посветени работници за итни случаи одговараа на потребите на ранетите луѓе. Тие беа хуманитарци“, рече генералниот секретар на IFRC, Јаган Чапагаин. „Носеа ознаки кои требаше да ги заштитат, нивните возила беа јасно обележани“, додаде тој.

Според Обединетите нации, најмалку 1.060 медицински работници се убиени во 18-те месеци откако Израел ја започна својата офанзива врз Газа откако борците на Хамас го нападнаа јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Поради безбедносни причини, ОН го намалуваат бројот на својот меѓународен персонал во Газа за една третина.