
Европските државјани кои патуваат во Обединетото Кралство о средата ќе треба да поседуваат дигитална пропусница за влез во земјата, за којашто британската влада вели дека ќе ја зајакне безбедноста на границите.
Електронската патна дозвола (ЕТА) следните денови може да се купи онлајн за 10 фунти (12 евра а од 9-ти април цената ќе порасне на 16 фунти (19 евра).
Дозволата ќе биде задолжителна за сите Европејци кои сакаат да ја посетат Велика Британија од 2-ри април, откако во јануари истата пропусница беше воведена за државјаните на САД, Канада и другите земји на коишто не им е потребна виза. Слично дозвола имаат и САД за влез во земјата.
„Со дигитализацијата на имиграцискиот систем го отвораме патот за бесконтактното минување на границите на Обединетото Кралство“, изјави министерката за миграции Сеема Малхорта претходно во март кога беше отворена веб-страницата за првите пријави.
Додаде дека проширувањето на ЕТА во земјите ширум светот „ја зајакнува нашата посветеност за подобрување на безбедноста преку технологија и иновации“.
Документот дозволува посети до шест месеци и важи две години. Тоа е задолжително за сите патници, вклучително и малолетни и новороденчиња.
Услугата може да се врши на апликација за паметни телефони или преку владината веб-страница, а е отворена за Европејците од почетокот на март.
Почнувајќи од среда, граѓаните на околу триесет европски земји, вклучително и целата ЕУ, со исклучок на Ирска, ќе треба да имаат електронска дозвола за влез во Обединетото Кралство, кое ја напушти ЕУ во 2020 година. Апликантот мора да приложи пасош и фотографија на лицето. Процесот трае околу десет минути.
Во повеќето случаи, одлуката за апликацијата се носи во рок од неколку минути, но можно е да се чека и до три работни дена, велат од Владата. Доколку апликацијата се обработи успешно, ЕТА е дигитално поврзана со пасошот на апликантот.
Патниците кои имаат префрлувања на летовите на аеродроми без да ја поминат границата со Обединетото Кралство се ослободени од оваа шема. Ова беше направено по притисокот од Хитроу, кој стравуваше од губење на бројот на патниците, бидејќи е најпрометниот аеродром во Европа.
Има само два аеродрома во Велика Британија со можност за поврзување без преминување на границата, Манчестер и Хитроу. Во 2024 година, речиси 84 милиони патници поминаа низ Хитроу, од кои една третина беа од соседната ЕУ.
Програмата беше лансирана во 2023 година за Катар, а потоа се прошири во пет соседни земји од Персискиот залив. Во јануари, беше проширена на граѓаните на дополнителни педесет земји, вклучувајќи ги Аргентина, Јужна Кореја и Нов Зеланд.
До крајот на 2024 година, речиси 1,1 милион посетители добија ЕТА, според Министерството за внатрешни работи.
Не е потребна дозвола за луѓе со престој во Обединетото Кралство или луѓе кои веќе имаат статус на имиграција во кралството.