
Околу 150 навивачи на Челзи и на Манчестер Сити на кои им беше забранет влез на стадионите нема да можат да патуваат во САД за време на Светското клупско првенство на кое нивните клубови се натпреваруваат летово, објави во средата британската влада.
Лондон веќе неколку години ги користи овие мерки за големи фудбалски натпреварувања (Светско првенство, Евро, итн.) против „мало малцинство на попречувачки и насилни навивачи“.
Поточно, од овие навивачи „ќе се бара да ги предадат своите пасоши на полицијата меѓу понеделник 9 јуни и недела 13 јули 2025 година“, според британското Министерство за внатрешни работи. Во овој период може да се издаде специјална дозвола за патување во странство, освен во Соединетите држави, додава Министерството.
Лицата кои нема да ја почитуваат оваа забрана или ќе се обидат да ја заобиколат се соочуваат со „тешка парична казна“ и затвор до шест месеци, предупредува Министерството.
Како што соопштија британските власти, мерката ја почитувале 99 отсто од Англичаните и Велшаните кои биле погодени од забраната за патување за време на Еверопското првенство минатата 2024 година. Според проценката што ја дадоа пред почетокот на првенството во Германија, станува збор за „повеќе од 1.600“ луѓе.
Од 1 август 2024 година, во Англија и Велс беа воведени вкупно 2.172 забрани за влез на стадиони. Тие се издаваат против лица кои се прогласени за виновни за насилство или уништување на терен, употреба на пиротехнички средства или дури и ширење на онлајн содржина што поттикнува омраза.
Светското клупско првенство ќе се одржи во САД од 14 јуни до 13 јули. Англија таму ќе ја претставуваат Челзи и Манчестер Сити.