
Египетската гол-машина Мохамед Салах, чиј договор со Ливерпул истекува на 30-ти јуни, би можел да ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија, објавија во средата британските медиуми.
Во август 2023 година „Црвените“ ја одбија понудата на саудиски Ал-Итихад, кој понуди 180 милиони евра обештетување, а сега Ал Хилал, според британските медиуми, се подготвува да го направи 32-годишниот Салах најплатен фудбалер во светот.
Ал Хилал во своите редови веќе има тројца Бразилци, двајца Срби (Сергеј Милинковиќ-Савиќ и Александар Митровиќ) и двајца Португалци (Рубен Невес и Жоао Кансело). На девет кола пред крајот на саудиското првенство се на второто место со четири бода помалку од водечкиот Ал-Итихад, во кој најголема ѕвезда е францускиот центарфор Карим Бензема.
Салах е најплатен играч на Ливерпул со годишна плата од 22 милиони евра, но тој е и најпродуктивниот играч на „Црвените“. Оваа сезона постигна 32 гола и имаше 22 асистенции во сите натпреварувања. Тренерот Арне Слот и навивачите на Ливерпул секако би сакале тој да остане на „Енфилд“, бидејќи ова лето најверојатно ќе останат без двајца стандардни првотимци, десниот бек Трент Александер-Арнолд и централниот бек Вирџил ван Дијк. Сепак, според британските медиуми, Салах е сè повеќе склон кон идејата кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија, каде веќе играат бројни светски фудбалски ѕвезди.
Египетскиот напаѓач е едно од најдобрите засилувања на сите времиња донесени од Ливерпул. Тој пристигна на „Енфилд“ во јули 2017 година од Рома во трансфер вреден 42 милиони евра и постигна 182 гола на 279 натпревари за „Црвените“.