Синдикатите бараат минимална плата од 500 евра

Членовите на највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија пред Владата побараа повлекување на одлуката за зголемување на минималната плата за 1.800 денари и намалување на платите на избраните и именуваните лица на ниво на минимална плата. Од ССМ побараа да запрат и нападите врз синдикатите.

Седницата почна пред Собранието каде упати порака до пратениците да донесат одлука за зголемување на минималната плата на 500 евра. Пред Собранието беше донесена одлука пратениците да земаат минимална плата сѐ до наредното зголемување на минималната плата.

– Вашите сега 79% зголемени плати не ги заслужувате и затоа дојдовме тука поради фактот што вие не одлучувате за нас, ние ќе одлучиме за вас. Почитувани работници, да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување на минималната плата – рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој информира дека органите и телата на ССМ, на градските синдикати и борците за работнички права, едногласно донеле одлука пратениците да ги намалат луксузните плати на минимална плата.

-За крај имам лично прашање. Бране на работа е или не – рече Трендафилов, алудирајќи на пратеникот ОД ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски  кој редовно држи прес-конференции на кои ги обвинува лидерите на синдикатите дека земаат високи плати и работат за политички партии.

Седницата продолжи пред Стопанската комора каде што беше побарано работодавачите да ги зголемат платите на работниците, за да не се иселуваат.

Јавната седница на претставниците на ССМ заврши пред Владата.

-Тргнавме 300 од пред Работничкиот дом. Дојдовме над 1000 пред Влада. Со време повлечете ја незаконската одлука за утврдување на висината на минималната плата. Со време намалете ги вашите плати на минимална плата. Да почувствувате како им е на работниците. Цела Влада на минимална плата – рече Трендафилов.

Тој информира дека се на чекор од организирање генерален штрајк, ако не се прифати нивното барање.

– Не сме тука да ја рушиме Владата, туку да ги зголемиме платите – рече Трендафилов.

На почетокот пред Работничкиот дом во Скопје, работниците со едноминутно молчење им оддадоа почит на трагично загинатите во трагедијата во Кочани.