
Претседателот Доналд Трамп изјави во средата дека ќе воведе царини од 10 отсто на целиот увоз во САД, покрај повисоките царини за некои од најголемите трговски партнери на земјата, интензивирајќи ја трговската војна што започна откако тој се врати во Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави бран нови царини во средата на настанот во Белата куќа што претходно го нарече „Ден на ослободувањето“.
Трамп рече дека тоа ќе го воведе „златното доба“ на Америка и додаде дека е време САД да „просперираат.
„Тоа е наша декларација за независност“, рече Трамп на настан во градината на Белата куќа.
Го покажа плакат на кој се наведени реципрочните царини, вклучувајќи ги и оние од 34 отсто за Кина и 20 отсто за Европската унија, како одговор на нивните царини за американските стоки.
Другите детали се нејасни бидејќи Трамп продолжи да ги повторува претходните критики дека глобалната трговија им штети на американските работници и компании, пишува Reuters.
Администрацијата на Трамп најави дека новите тарифи ќе стапат на сила веднаш откако претседателот ќе ги објави, но сè уште нема презентирано официјален документ со кој би започнала нивната примена.
Сепак, објави дека посебниот сет царини за увоз на автомобили, што Трамп го објави минатата седмицаа, ќе стапи на сила на 3 април. Трамп веќе воведе царини од 20 отсто за целиот увоз од Кина и 25 отсто за увоз на челик и алуминиум, и ги прошири на производи направени од овие материјали во вредност од речиси 150 милијарди долари.
Неговите советници велат дека царините ќе го вратат стратешки важниот производствен капацитет во САД. Други економисти предупредуваат дека царините може да ја забават глобалната економија, да го зголемат ризикот од рецесија и да ги зголемат трошоците за живот на просечното американско семејство за илјадници долари.