Висок руски функционер седмицава ќе допатува во Вашингтон, јави CNN

Се очекува висок руски функционер оваа седмица да го посети Вашингтон, поради разговори со претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, извести ноќта кон средата по македонско време CNN повикувајќи се на американски функционер и два извора запознаени со плановите.

Кирил Дмитриев ќе се сретне со Стив Виткоф, кој е претставник на американскиот претседател за Украина и Русија, поради разговори за јакнење на односите меѓу двете земји речиси целосно прекинати уште пред руската инвазија во Украина во 2022 година, додека се прават напори од двете страни за запирање на руско-украинската војна, наведува CNN.

Дмитриев, долгогодишен челник на рускиот државен фонд за директни инвестиции  (РПИФ), минатиот месец беше именуван за специјален претставник на Русија за меѓународна економска и инвестициска соработка, во прв ред со САД.

Набрзо по објавата на CNN, Дмитриев на својот профил на социјалната мрежа Х одговори на веста дека го очекуваат во Вашингтон оваа седмица на разговори со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, наведе дека постои отпор кон дијалогот меѓу Москва и Вашингтон.

Заради посетата на САД, наводно привремено биле укинати санкциите против Дмитриев, додаваат изворите на американската теливизија.

„Веројатно. Отпорот кон дијалогот меѓу САД и Русија е реален, тој е предизвикан од вкоренети интереси и стари наративи“, напиша Дмитриев, коментирајќи ја веста.

Претходно во понеделникот светските агенции ја пренесоа изјавата на Дмитриев дека Москва и Вашингтон започнале преговори за заеднички проекти на полето на ископување на ретки минерали и други проекти во Русија.

„Ретките минерали се важна област на соработка и, се разбира, почнавме дискусии за различни проекти за ретки елементи и други проекти во Русија“, изјави Дмитриев за весникот Известия.

По преговорите меѓу САД и Украина за нацрт-договорот за украинските ретки минерали, рускиот претседател Владимир Путин им предложи на САД заеднички да ги истражуваат руските наоѓалишта.

Дмитриев, кој беше дел од рускиот преговарачки тим за време на разговорите со американските претставници во Саудиска Арабија во февруари, наведе дека некои компании веќе покажале интерес за проектите. Тој не ги наведе имињата на компаниите, ниту наведе дополнителни детали.

Известия објави дека за соработката може дополнително да се разговара на следната рунда руско-американски разговори, што би можело да се одржи во средината на април во Саудиска Арабија.