
Официјален Пекинг се закани со противмерки во четвртокот, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги објави новите царини за кинески стоки, што претставува дополнително ескалирање на трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии.
САД веќе воведоа царини од 20 отсто на кинескиот увоз, што предизвика одмазда од Пекинг. Последната рунда, објавена од Трамп во средата, додава зголемување на цаините за 34 проценти, зголемувајќи ги вкупните царини за многу кинески производи на повеќе од 50 отсто.
Кинеското Министерство за трговија порача дека царините ги прекршуваат меѓународните трговски правила и се засноваат на субјективни и еднострани проценки на САД, нарекувајќи ги типичен чин на заплашување. Министерството го повика Вашингтон да ги укине мерките и да ги реши споровите преку дијалог или во спротивно Кина ќе преземе противмерки за заштита на своите права и интереси.
На одлуката на претседателот Трамп реагираше и Јапонија, која го повика Вашингтон да ги повлече царините.
„Исклучително е жално што американската влада ја објави својата одлука за воведување реципрочни царини, иако ја изразивме нашата загриженост на различни нивоа и ги повикавме (САД) да не преземаат еднострани дејствија“, изјави владиниот портпарол Јошимаса Хајаши за јапонските новинари.
„Сериозно сме загрижени дали цаинската мерка е во согласност со правилата на Светската трговска организација и трговскиот договор Јапонија-САД“, додаде портпаролот.
Во средата, Трамп објави нови општи царини од 10 отсто за повеќето увозни производи во Соединетите држави, со повисоки намети врз основа реципроцитет и на трговскиот дефицит за многу земји. Во случајот на Јапонија, тоа изнесува 24 отсто.
Министерот за трговија Јоџи Муто му рече на американскиот секретар за трговија Хауард Лутник дека американскиот царински пакет ќе им го отежне на јапонските компании да инвестираат на американскиот пазар и на крајот ќе ѝ наштети на најголемата светска економија.
На прашањето на домашните новинари за можноста за одмазднички мерки, Муто само рече дека Јапонија ќе мора да го направи она што е во национален интерес, без да навлегува во детали.