
Соединетите држави очекуваат да ги завршат воените операции во Иран до есента оваа година, доколку Техеран не се согласи со нуклеарниот договор што го нуди Вашингтон, пишува весникот Daily Express, повикувајќи се на извори во американската администрација.
„Иран ќе исчезне до септември“, изјавил неименуван соговорник на весникот.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата му се закани на Иран со бомбардирање и секундарни царини доколку Техеран не постигне договор со Вашингтон за неговата нуклеарна програма. Во телефонското интервју за NBC News, Трамп рече дека американските и иранските претставници разговарале, но не откри повеќе детали за разговорот.
„Ако не склучат договор, ќе има бомбардирање. Исто така, постои можност ако не постигнат договор, ќе им наметнам секундарни царини, како што направив пред четири години“, рече Трамп.
Претходно во февраури Трамп ја објави својата подготвеност да склучи договор со Иран наместо да води воена акција. Истовремено, истакна дека би сакал да потпише „проверлив“ нуклеарен договор што ќе му овозможи на Техеран мирно да се развива и да напредува.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пак, истакна дека Исламската Република одбива да преговара за ова прашање додека САД спроведуваат политика на максимален притисок врз земјата.
Трамп на почетокот од март испрати писмо до иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, во кое, според порталот Axios, тој наводно поставил рок од два месеца за склучување нов нуклеарен договор.
Минатиот четврток Иран објави дека испратил одговор на писмото на Трамп преку Оман. Според иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, Техеран ги одбил директните преговори на Вашингтон за нуклеарната програма, што укажува дека прозорецот за дијалог е отворен само со посредство на трети земји.
Според Axios, Американците сериозно ја разгледуваат понудата на Исламската Република.
Во неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, Трамп ги повлече САД од договорот од 2015 година меѓу Иран и шесте светските сили, кој постави строги ограничувања на контроверзните нуклеарни активности на Техеран во замена за олеснување на санкциите. Тогаш Трамп бараше договорот да се однесува и на иранската ракетна програма, што Техеран го отфрли и по враќањето на децениските американски санкции почна да ги суспендира неговите обврски од договорот особено најчувствителните за количеството и степенот на збогатениот ураниум.
Но, сега Трамп повторно воведе опсежни американски санкции, а Исламската Република оттогаш далеку ги надмина договорените граници во својата сè пообемна програма за збогатување ураниум. Техеран досега го игнорираше предупредувањето на Трамп за потребата да се постигне договор или да се соочи со воени последици.