
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека ќе воведе царини од 10 отсто за целиот увоз во САД, покрај повисоките царини за некои од најголемите трговски партнери на земјата, интензивирајќи ја трговската војна што започна откако тој се врати во Белата куќа.
Сеопфатните царини ќе наметнат нови препреки на најголемата светска потрошувачка економија, поништувајќи ја децениската либерализација на трговијата што го обликуваше глобалниот економски па и политички поредок. Се очекува трговските партнери да одговорат со свои противмерки, што може да доведе до драстично повисоки цени на букално сите производи и услуги.
Терминските индекси (фјучерсите) на американските акции паднаа веднаш по објавувањето кога Волстрите веќе го затвори тргувањето кое сепак донесе плус, додека претходните седмици беа обележани со нестабилно тргување додека инвеститорите шпекулираа за тоа како претстојните царини би можеле да влијаат на глобалната економија, инфлацијата и корпоративната заработка. Американските акции изгубија речиси пет трилиони долари во вредност од февруари.
Ова е „Ден на ослободувањето“, нè ограбуваат со децении
„Ова е наша декларација за независност“, рече Трамп на настанот во градината на Белата куќа.
Трамп рече дека овој ден „засекогаш ќе биде запаметен како денот кога американската индустрија е повторно родена, денот кога е вратена американската судбина и денот кога почнавме да ја правиме Америка повторно богата“.
„Од утре, Соединетите Држави ќе применуваат реципрочни царини за другите земји. Помина долго време откако воопшто и не помислувавме на тоа. За тоа не сме размислувале со децении, а погледнете што се случи“, рече тој.
Реципрочните царини, рече Трамп, се одговор на царините и другите нецарински бариери поставени на американските стоки. Тој тврди дека новите царини ќе го поттикнат создавањето работни места во производството дома.
„Со децении, нашата земја ја ограбуваа, пљаќкосуваа, силуваа и ограбуваа блиски и далечни нации, и пријателите и непријателите“, рече Трамп.
Меѓу другото, тој оцени дека во многу случаи пријателот е полош од непријателот во смисла на трговијата.
„За нациите што се однесуваат лошо кон нас, ќе пресметаме комбинирана стапка на сите нивни царини, немонетарни бариери и други форми на мамење, но ќе им наплатиме околу половина од она што тие ни го наплатуваа нам, така што царините нема да бидат целосно реципрочни, а јас можев да го сторам тоа“, објасни Трамп.
Кинескиот увоз ќе биде погоден со царина од 34 отсто, според Трамп, покрај царината од 20 отсто што претходно ја воведе за оваа земја. Не се поштедени и блиските сојузници на САД, вклучително и Европската унија, која се соочува со царини од 20 отсто.
„Европската унија, тие се многу, многу цврсти трговци. Знаете, размислете за Европската унија, тие изгледаат како да се пријателски настроени, но всушност нè дерат. Тажно е тоа да се гледа. Навистина јадно“, рече Трамп.
Реципрочните царини не важат за одредени производи
Официјален претставник на Белата куќа, кој сакал да остане анонимен, за Reuters изјавил дека зголемените казнени намети ќе стапат на сила на 9-ти април и ќе важат за околу 60 земји. Основната царина од 10 проценти ќе стапи на сила од сабота, рекол функционерот.
Канада и Мексико, двата најголеми трговски партнера на САД, веќе се соочуваат со царини од 25 отсто за многу производи и нема да се соочат со дополнителни давачки.
Реципрочните царини не важат за одредени производи, вклучително и бакарот, фармацевтските производи, полупроводниците, дрвото, златото, енергијата и „одредени минерали кои не се достапни во САД“, се вели во информативниот лист на Белата куќа.
Но, официјалниот претставник рекол дека Трамп планира и други царини насочени кон полупроводниците, фармацевтските производи и потенцијално критичните минерали.
По својите изјави пред Белата куќа, Трамп потпиша извршен указ со која се затвора трговската дупка што овозможуваше пакети со ниска вредност – во вредност од 800 долари или помалку – да се испраќаат од Кина без плаќање царини. Според информациите од Белата куќа, наредбата опфаќа стоки од Кина и Хонгконг и стапува на сила на 2-ри мај.
Царините ги потресоа финансиските пазари и компаниите кои се потпираат на трговските аранжмани кои се во сила од средината на минатиот век.
Претходно во средата, американската администрација објави дека од четврток ќе стапи на сила посебен сет царини за увоз на автомобили, кои Трамп ги објави минатата недела.
Трамп веќе воведе царини од 20 отсто за целиот увоз од Кина и 25 отсто за увоз на челик и алуминиум и ги прошири на производи во вредност од речиси 150 милијарди долари направени од тие материјали.
Неговите советници велат дека царините ќе го вратат стратешки важниот производствен капацитет во САД. Други економисти предупредуваат дека царините може да ја забават глобалната економија, да го зголемат ризикот од рецесија и да ги зголемат трошоците за живот на просечното американско семејство за илјадници долари.
Компаниите се пожалија дека лавината од закани на Трамп им го отежнува планирањето на нивниот бизнис. Загриженоста за царините веќе ја забави производствената активност ширум светот, истовремено зголемувајќи ја продажбата на автомобили и други увезени стоки, бидејќи потрошувачите брзаат да купуваат пред да се зголемат цените.