
Во средата студенти и членови на српската академска заедница тргнаа со велосипеди од Нови Сад во акцијата „Тур де Стразбур“, со намера дополнително да им укажат на европските претставници за ситуацијата во Србија, која се соочува со криза предизвикана од бранот протести чија иницијална каписла беше трагедијата на железничката станица во Нови Сад минатиот ноември.
Со нив отидоа и репортери од опозициските белградски медиуми, а студентите за патувањето ќе известуваат на социјалните мрежи.
Смртта на 16, претежно млади луѓе по уривањето на настрешница на 1 ноември на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, беше земена како повод за бранот протести и блокади, честопати и насилни, во кои владата се обвинува за коруптивни практики и лошо извршена работа. Студентите започнаа блокада на повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети.
Блокадите во меѓувреме прераснаа во студентско движење опозициско на актулената власт, придружено со бројни секојдневни акции, маршеви од неколку стотици километри до масовни протести низ Србија и акции кои добија неочекувано голема поддршка од пошироката заедница.
Студентите истакнаа четири барања, од кои клучот е да се изведат пред лицето на правдата одговорните за трагедијата во Нови Сад и да се разоткрие корумпираниот октопод во политиката и општеството. Но иако сите одговорни се во притвор, документацијата беше објавена, барањата на универзитетските професори за поголеми средства исполнети, протестите продолжија. Поради тоа, Владата го нарекува студентското движење, за кое тврди дека е политички инструирано и поддржано од странски тајни служби и организации – „обоена револуција“.
Во новата кампања „Тур де Стразбур“, 80 студенти со велосипед ќе стигнат до Стразбур за да им се обратат на претставници од Советот на Европа, Европската унија, Европскиот парламент и Европската комисија.
Утрово толпа граѓани организираше емотивно збогување со студентите кои ќе ја возат првата делница до Суботица, а потоа планираат да пристигнат во Стразбур на 17 април преку Будимпешта, Братислава, Виена, Линц и Улм.