
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) го одржа 49-от редовен конгрес во Белград под водство на претседателот Александар Чеферин, а на седницата беше истакнато дека УЕФА е во добра финансиска состојба по рекордните приходи во сезоната 2023/24.
Исто така, благодарение на успешното Европско првенство во Германија, за кое беа продадени 2,7 милиони влезници, УЕФА лани имала рекордни приходи од 6,8 милијарди евра, од кои најголемиот дел, односно 73,1 отсто, се од медиумски права.
И резервите во моментов се над посакуваната граница од 500 милиони евра, што значи стабилно работење до 2028 година, при што износите благо ќе се намалат. По ЕП 2028 очекуваат резервите повторно да се искачат над планираните 500 милиони евра.
Во периодот 2025/26 главни настани ќе бидат машките клупски натпреварувања кои се планира да остварат приход од 4,5 милијарди евра, а УЕФА со нетрпение го очекува и овогодинешното Европско првенство за жени во Швајцарија, каде ќе има 700.000 влезници и очекуваат двојно зголемување на приходите во однос на последното Европско првенство во 2022 година, кога приходот изнесуваше 65 милиони евра.
„Често слушам дека УЕФА премногу се фокусира на заработување пари. Но, ние не сме бесчувствителна машина за профит. Ние сме чудо за собирање пари и за нивно рапсределување. И тоа го правиме со совест. Затоа што враќаме. Затоа што ги распределуваме овие средства, а ги има 97 проценти, праведно и со добра волја. Ги враќаме парите во фудбалот, во европскиот фудбал, а не само во полза на неколкумина“, рече Чеферин во своето обраќање.
Истовремено нагласи дека европскиот фудбал мора да остане обединет во светот во којшто има сѐ поголеми поделби, дека фудбалот е огледало и модел за општеството и дека за разлика од политиката која гради ѕидови, фудбалот гради мостови.
Чеферин рече и дека не ги разбира обвинувањата дека фудбалот е во криза, бидејќи Европа минатата сезона имала околу 230 милиони гледачи на сите нивоа, а оваа сезона се очекуваат уште повеќе.
Во тоа, според него, донекаде помогна и промената во европските клупски натпреварувања, поточно Лигата на шампионите и Лигите на Европа и Конференциската лига, кои донесоа поголема возбуда.
„Се обединуваме и се инспирираме кога имаме повеќе од 40 национални асоцијации претставени во лигашките фази на нашите клупски натпреварувања. Ова е рекорден пример за различност“, додаде претседателот на УЕФА.