Ла Лига: Барса на домашен терен не го искористи домашниот кикс на Реал

Фудбалерите на Барселона не го искористија максимумот од саботниот пораз од Реал Мадрид, одиграа само 1:1 на домашен терен против Бетис во 30-то коло од Ла Лига. Барселона имаше можност да му избега на големиот ривал со шест бода, но по ова реми Барселона има четири бода повеќе од Реал на врвот на табелата.

Веќе во седмата минута Барселона поведе со голот на Гави. Во првото полувреме гостите од Севиља одиграа многу храбро и имаа неколку одлични можности. Еден го претворија во гол, во 17. минута за 1:1 стрелец беше Натан. Во продолжение Бетис целосно се повлече, а Барселона напаѓаше цели 45 минути барајќи втор гол и многу важните три бода, но не ги доби.

Претхоно во саботата фудбалерите на Реал Мадрид киксираа на домашен терен, Валенсија ги победи со 2:1 на „Сантијаго Бернабеу“. Валенсија сега се искачи за едно место и сега е 15-та на табелата.

Веќе во 13. минута Реал имаше одлична шанса да поведе. Винисиус Жуниор ја смести топката на белата точка, но слабиот удар на Бразилецот го одбрани голманот на Валенсија, Мамардашвили. Само две минути подоцна гостите поведоа со голот на Дијахаби.

На почетокот на вториот дел Винисиус Жуниор се „извади“ за промашениот пенал и израмни на 1:1, но во судиското надополнување гостите направија одличен контранапад кој заврши со удар со глава на Уго Дуро за голема победа на Валенсија.

Валенсија така го победи Реал во Мадрид првпат по 2008 година.

Фудбалерите на Алавес оваа сабота остварија многу важна победа на гостински терен со минимални 1:0 ја победија Жирона. Голот вреден три бода ги постигна Карлос Висенте во 61. минута, а иако домаќините до крајот се обидуваа да избегнат пораз, Алавес успеа да се одбрани и да забележи исклучително важна победа. Алавес остана на 17-то место на табелата, но бодовно се оддалечи од опасната зона за испаѓање. Жирона и натаму е на 13-та позиција.

Во последниот натпревар од саботната програма, по пресврт фудбалерите на Селта остварија победа на гостински терен во 30. коло од шпанската Ла Лига, совладувајќи ја Мајорка со 2-1.

Во 17. минута домашните поведоа со голот на Ваљенто, но подоцна играта се преврте наопаку. Најпрво израмни Алфон Гонзалес во 53. минута, додека Фер Лопез погоди во 72. за водство на клубот од Виго, кој го задржа водството до крајот.

Селта и покрај победата остана на седмата позиција, додека Мајорка е деветта и има три бода помалку од саботниот противник.

В недела ќе играат Лас Палмас – Реал Сосиедад, Севиља – Атлетико Мадрид, Ваљадолид – Хетафе и Виљареал – Атлетик Билбао, додека последниот натпревар ќе се игра во понеделник, а ќе се сретнат Леганес – Осасуна.