
Следната седмица Европската комисија ќе донесе контрамерки како одговор на американските царини за увоз на алуминиум и челик, додека одговорот за воведувањето царини за автомобили и за реципрочните царини од 20 отсто за голем број производи ќе следи по анализа и консултации со земјите-членки.
Од 12. март на сила е одлуката за царини од 25 отсто за увоз на алуминиум и челик во Соединетите држави од целиот свет, а од 3. април стапи на сила 25 отсто царина за сите автомобили и делови за автомобили што не се произведени во САД.
На 2. април американскиот претседател Доналд Трамп објави реципрочни царини, минимум 10 отсто за сите, а уште повисоки царини за околу 60 земји, кои ќе стапат на сила од среда, на 9. април што неговите критичари го сметаат за „објавување трговска војна на целопт свет“. Администрацијата во Вашингтон своите пресметки за дефицитот на САД во трговијата со секој посебен партнер одреди царини од 20 отсто за Европската унија, и 34 отсто за Кина.
Останува нејасно дали најавените царини ќе останат трајни или се дел од тактиката за добивање отстапки. Трамп рече дека царините ќе му дадат „голема преговарачка моќ“. Тој и во својот прв претседателски мандат од 2017 до 2021 година постојано истакнуваше дека преферира засебни преговори со секој трговски партнер, отколку повикување на колективни договори.
До средината на минатата седмица, Комисијата ги консултираше земјите-членки за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум, а одлуката се очекува да биде донесена во среда и да стапи на сила на 15. април.
Одлуката во ЕУ се носи по предлог на Комисијата во рамките на комитетската процедура, што во пракса значи дека Комисијата може да донесе одлука доколку на неа не се спротивстави квалификувано мнозинство (55 отсто од земјите-членки кои претставуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на ЕУ). Во случај да нема квалификувано мнозинство ниту за, ниту против предлогот, Комисијата може самостојно да донесе одлука.
Комисијата објави пропорционален одговор во вредност до 26 милијарди евра, што одговара на економскиот опсег на американските царини.
Во однос на контрамерките на американските царини за автомобили и автоделови и за реципрочните царини од 20 проценти, Комисијата посочува дека нема да избрзува, дека сака се детално да анализира.
Комисијата го заснова својот пристап на три елемента: преговори, контрамерки и трговска диверзификација. Се сака преку преговори да се обиде да најде решение за неоправданите и штетни царини каде силата на неговиот внатрешен пазар ја гледа како голем адут. Доколку тоа не биде можно да се реши преку преговори, ќе следат контрамерки.
„По одлуката на американската администрација да воведе сеопфатни царини за стоки од Европската унија, ЕУ ќе одговори смирено, внимателно и постепено и пред се уникатно, додека ние го калибрираме нашиот одговор. Нема да пукаме први, сакаме да им дадеме на преговорите секоја шанса да успеат да најдат фер договор, во корист на двете страни“, рече комесарот за трговија Марош Шефчович.
Комисијата не сака да каже какви мерки би можела да преземе и нагласува дека „сѐ е на масата“.
„Сите опции се на маса и не сакаме да шпекулираме што ќе правиме“, изјави за новинарите од повеќе медиуми висок функционер на Комисијата кој сакал да остане анонимен.
Притоа ќе се внимава евентуалните контрамерки да бидат што поболни за САД, а во исто време да ѝ донесат што помала штета на Европа, односно да се воведат царини за американските производи за кои постои алтернатива.
„Нема да воведеме царини за производи што не ги произведуваме, додека Американците воведоа царини, на пример, за кафе или банани, кои тие воопшто не ги произведуваат“, изјави неименуван претставник на Комисијата. Додал дека Европејците имаат алтернативи, на пример, за мотоцикли „Harley Davidson“, фармерки „Levi’s“ или сојата.
Според првите проценки на Комисијата, реципрочните царини од 20 отсто се однесуваат на околу 290 милијарди евра европски извоз во САД, што на Американците би им донело приход од 58 милијарди евра. Кај автомобилите и автомобилските делови што ЕУ ги извезува во вредност од околу 66 милијарди евра, приходот од царина од 25 отсто би изнесувал 16,5 милијарди евра, додека на извозот на алуминиум и челик во износ од 26 милијарди евра, царинскиот приход би изнесувал 6,5 милијарди евра.
Севкупно, дополнителните американски царини се однесуваат на стоки во вредност од околу 380 милијарди евра, што е околу 70 отсто од целиот извоз од ЕУ во САД. Со ова САД би оствариле царински приход од 81 милијарда евра годишно, наместо досегашните само 7 милијарди. Но, сумата од околу 80 милијарди можеше да се достигне само под услов обемот на трговската размена да остане ист, што не е логично да се очекува, бидејќи со царинските бариери обемот на трговската размена се намалува.
Комисијата има ексклузивна јурисдикција над надворешната трговија и земјите-членки не можат директно да преговараат со администрацијата на Трамп. Во исто време, мора да се внимава рамномерно да се распредели товарот на контрамерките што има намера да ги воведе меѓу членките, бидејќи не сите членки се подеднакво зависни од трговијата со американскиот пазар. Најизложени се Ирска, Германија и Италија.
Затоа, во потрагата по одговор на прашањето кои мерки и кои производи да се нападнат со царини, единството на ЕУ ќе биде ставено на голем тест бидејќи некои членки ќе побараат да се отстрани одреден американски производ од списокот за да се избегне американска одмазда за нивните извозни адути. Постојат шпекулации, на пример, дека Франција бара американскиот бурбон да се отстрани од листата на производи наменети за царини, бидејќи Трамп се закани со царини од 200 отсто за француските вина.
Во Комисијата се свесни дека мора да бидат на силна позиција во преговорите со САД, затоа потенцираат дека сѐ е на масата, дека не исклучуваат никакви контрамерки. Ова може да значи оданочување на дигиталните услуги на американските технолошки компании како што се „Apple“, „Amazon“, „Meta“ или финансиските услуги (Paypal).
Комисијата има и моќен инструмент во своите раце, кој некои го нарекуваат „нуклеарна опција“. Тоа е инструмент за борба против принудата, кој ѝ овозможува на ЕУ да возврати со контрамерки на земјите кои користат економска принуда и трговија за да влијаат врз одлуките на Унијата. Инструментот против принуда (ACI) предвидува широк опсег можни контрамерки доколку земјата не се откаже од употребата на принуда. Тие вклучуваат воведување тарифи, ограничувања на трговијата со услуги и комерцијални аспекти на правата на интелектуална сопственост и ограничувања за пристап до странски директни инвестиции и јавни набавки. Овој инструмент никогаш порано не бил користен, а првично бил замислен како средство за одвраќање на кинескиот притисок.