„Политико“: Потенцијалната контрола на Русија врз украинските ресурси ќе биде катастрофа за Западот

Пристапот на Русија до наоѓалиштата на титаниум и ураниум во Украина би бил катастрофа за земјите што му обезбедуваат воена и финансиска помош на Киев, објави весникот „Politico Europe“, цитирајќи извори.

Украина навистина има ресурси, а титаниумот и ураниумот се највредни, изјавија за весникот извори блиски до американско-украинските разговори за заедничко ископување минерални суровини. „Ако Русија ги добие тие ресурси, тоа ќе биде катастрофа за сојузниците на Киев“, изјави висок функционер за медиумот.

Во исто време, ископувањето на минерални суровини во Украина како дел од потенцијалниот договор меѓу Киев и Вашингтон „ќе чини милијарди и може да потрае со децении“.

Американската администрација претходно им предложи договор на украинските власти, според кој Киев треба да ја компензира воената помош за Вашингтон со своите минерални ресурси. Рамковниот договор требаше да биде потпишан на 28 февруари, но потпишувањето беше одложено по контроверзната средба на  Володимир Зеленски и американскиот претседател.

На 27 март, Киев соопшти дека добил нова верзија на договорот за минерали од Вашингтон, многу поостра. Новата верзија ја обврзува Украина да ја компензира помошта во вкупна вредност од над 120 милијарди американски долари. САД ќе имаат контрола врз инвестицискиот фонд што ќе биде поставен за обновување во Украина, кој ќе добива приходи од такси за лиценци и авторски права од ископување минерали.