Европските берзи потонаа на најниското ниво во 16 месеци, остар пад и во Азија

На европските берзи во понеделник претпладнето цените на акциите дополнително остро паднаа, спуштајќи се на најниско ниво во последните 16 месеци, бидејќи пазарите не стивнуваат поради стравувањата од ескалација на царинската војна и ризикот од рецесија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 5,8 отсто во првиот пресек од трувањето, откако минатата седмица потона за повеќе од 8 отсто. Лондонски FTSE индекс претпладнево потона за 5,73 отсто, на 7.586 поени, франкфуртски DAX 7,74 отсто, на 19.046 поени, а париски CAC 6,84 отсто, на 6.777 поени.

Цените на акциите остро паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 7,8 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Во истиот пресек, цените на акциите на берзите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај, Јапонија и Хонгконг потонаа меѓу 4,2 и 12,5 отсто.

Во минус се и американските термински индекси (фјучерси) Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq – меѓу 2,6 и 4,3 проценти – што најавува дополнителен остар пад на цените на акциите на Волстрит попладнево по европско време.

Пазарите се во „слободен пад“ откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата среда објави драстични царини за сите увозни производи од САД. Притисокот на пазарот се засили во петокот, кога Кина возврати со царини на целиот увоз од САД.

Оваа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии, стравуваат инвеститорите, може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.

Поради ова, минатата седмица на светските берзи цените на акциите забележаа најголем неделен пад од корона кризата во 2020 година.