Глобалните пазари тонат како реакција на царинскиот „лек“ на Трамп

Царините коишто ги објави американскиот претседател Доналд Трамп ги погодија светските пазари во понеделникот, откако тој ги предупреди странските влади дека ќе бидат потребни „многу пари“ за да се укине, како што рече царинскиот „лек“ кој во првиот чекор треба да го намали трговскиот дефиците на САД.

Азиските пазари потонаа, европските берзи паднаа на најниско ниво во последните 16 месеци, а падна и цената на нафтата. Инвеститорите и аналитичарите стравуваат дека царините што Трамп ги објави минатата седмица може да предизвикаат високи цени и слаба побарувачка, а потенцијално и глобална рецесија.

Откако во понеделникот паднаа берзите во централна Кина и Хонгконг, кинескиот суверен инвестициски фонд реагираше на стабилизирање на пазарите, пренесува Ројтерс.

Министрите на Европската унија, поделени околу тоа колку силно да одговорат на потегот на Трамп без да ги оштетат сопствените пазари, се состануваат во понеделник во обид да постигнат обединет фронт.

„Goldman Sachs“ ја зголеми својата проценка за потенцијална рецесија во следните 12 месеци на 45 проценти, придружувајќи им се на другите инвестициски банки кои ги ревидираа своите прогнози. Економистите во „JP Morgan“ сега проценуваат дека американската економија ќе се намали за 0,3 отсто поради царините, додека претходно зборуваа за раст на БДП од 1,3 отсто.

„Луѓето стравуваат дека најлошото допрва доаѓа. Тие се плашат дека пазарот ќе падне. Тие се грижат за тоа што ќе дојде – рецесија прво кај нас, а потоа и во светот, што потенцијално ќе доведе до депресија“, изјави за Reuters Роберт Павлик од „Dakota Wealth Management“.

Трамп во неделата им рече на новинарите во „Air Force One“ дека не е загрижен за бришење на трилионите долари од светските берзи.

„Не сакам ништо да паѓа. Но понекогаш треба да земете лек за да поправите нешто”, рече тој додека се враќаше од голф патување во Флорида.

Американскиот претседател рече дека разговарал во текот на викендот со лидерите од Европа и Азија кои сакаат да го убедат да ги намали тарифите, планирани да стапат на сила оваа недела.

„Тие сакаат да разговараат, но нема да има никакви разговори ако не ни плаќаат многу пари на годишно ниво“, продолжи републиканецот.

Објавата на Трамп за царини предизвика осуда од другите лидери и предизвика реципрочни мерки како оние на Кина. Пекинг го нарече потегот на Трамп „економска злоупотреба“.

Акциите во Тајван паднаа за речиси десет отсто, што е најголем пад во еден ден во историјата на земјата.

Европските акции на одбранбениот сектор, до неодамна успешни поради очекуваните повисоки потрошувачки на Европејците во одбраната, се на пат кон најголемиот пад од април 2020 година.

Милијардерот Бил Акман, поддржувач на Трамп на изборите, повика на пауза во царините за да се избегне „економска нуклеарна зима“. „Претседателот ја губи довербата на деловните лидери ширум светот“, рече тој.

На инвеститорите и политичарите сè уште не им е јасно дали потегот на Трамп е дел од нов, постојан режим или тоа е преговарачка тактика што сака да ја искористи за да добие отстапки од други земји.

„Воведувањето американски царини за европските стоки и услуги е напад врз слободната трговија што обезбеди просперитет ширум светот“, рече данскиот министер за надворешни работи и трговија Ларс Локе Расмусен пред состанокот на ЕУ, додавајќи дека Европа мора да одговори.

Сепак, некои експерти предупредуваат дека одговорот на сила може дополнително да ги загрози европските извозници. Новиот германски канцелар Фридрих Мерц изјави за Reuters дека турбуленцијата на пазарот покажува колку е важно неговата земја да ја врати конкурентноста.

Премиерот на Јапонија, најблискиот сојузник на Америка во Азија, најави дека се обидува да постигне договор со Трамп. Но, Шигеру Ишиба во понеделникот му рече на парламентот дека може да потрае некое време.

Ова го најавуваат и други азиски земји. Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те во неделата понуди укинување на царините како основа за идните разговори, а индискиот владин претставник рече дека Њу Делхи нема да возврати. Виетнамскиот лидер То Лам во разговор со Трамп се согласи да разговара за договорот.

Холандската министерка за трговија Реинет Клевер во понеделникот рече дека разговорите со Вашингтон се исто така клучни за Европа.

„Мораме да седнеме на маса со Американците и да видиме како можеме да ги намалиме овие царини“.