Макрон против преселување на населението од Газа и каква и да е улога на Хамас во енклавата

Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во Каиро го поддржа арапскиот план за Газа, „цврсто се спротивстави на преселувањето на населението“ наспомнато од американскиот претседател Доналд Трамп, но поддржувајќи го ставот на Трамп дека исламистичкото движење Хамас не треба да има идна улога во палестинската енклава.

Макрон денеска со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси разговараше за политичките аспекти на посетата, со акцент на Појасот Газа, додека во вторник ќе разговараат за хуманитарни прашања. Мислењата на Франција и Египет се преклопуваат, рече Макрон, појаснувајќи дека двете земји се „строго против преселувањето на населението и анексијата на Појасот Газа и окупираниот Западен брег“.

„Ова би претставувало кршење на меѓународното право и сериозна закана за безбедноста на целиот регион, вклучувајќи го и Израел“, рече Макрон.

Ги поздрави „неуморните напори“ на Египет како посредник во преговорите за воспоставување на прекин на огнот и ослободување на сите израелски заложници кои ги држеше Хамас од 7 октомври 2023 година, со што започна војната во Газа.

Макрон го поддржа и арапскиот план за обнова на Газа како „реален“ и кој, за разлика од американскиот план, не предвидува раселување на жителите на Газа. Сепак, Макрон посочи и дека овој план треба „дополнително да се зајакне“ во однос на „безбедноста“ и „управувањето“ со таа палестинска територија.

Арапските земји размислуваат за постепено враќање во енклавата на Палестинската самоуправа на сметка на Хамас, кој владее со Газа од 2007 година по тамошните избори.

„Хамас не смее на кој и да е начин да учествува во управувањето и повеќе не смее да претставува никаква закана за Израел“, инсистираше Макрон во неговиот разговор со ал-Сиси. Ова прашање, посочи, ќе биде на дневен ред на сите негови разговори.

Двајцата претседатели го осудија обновувањето на израелските напади врз Газа по двомесечниот прекин на огнот за време на кој беа ослободени голем број израелски и странски заложници и стотици палестински затвореници. Хамас држи уште 59 заложници, од кои 24 се верува дека се живи.

Макрон и ал-Сиси повикуваат на прекин на огнот и враќање на хуманитарната помош за 2,4 милиони луѓе, од кои повеќето се преселиле од едниот до другиот крај на енклавата барем еднаш поради борбите.

Абдел Фатах ал-Сиси смета дека ќе биде тешко да се постигнат траен мир и стабилност на Блискиот исток доколку не се реши палестинското прашање.

Во јуни, Макрон организира конференција за решение за две држави со саудискиот принц Мохамед бин Салман, а тој собир, според дипломатски извори, може да биде „поволниот момент“ што Франција го чека за на крајот да ја признае палестинската држава.

Во вторник Макрон, придружуван од ал-Сиси, ќе го посети градот Ал-Арих на северот на Синај, на 50 километри од граничниот премин Рафах, каде се врши испораката на хуманитарна помош за Газа, која беше стопирана во изминатиот месец.

На билатерален план, Франција и Египет денеска треба да потпишат неколку економски договори од областа на транспортот, здравството, обновливите извори на енергија и универзитетската соработка.