Почина уште еден пациент по несреќата во Кочани, кој беше на лекување во Литванија

Во Литванија почина 29-годишниот Александар Гавриловски од Пробиштип, кој беше еден од повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во Кочани, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Тој е 61-та жртва во пожарот, од кои 6 деца, а од 193 повредени 25 се деца. Гавриловски имал 35 отсто изгореници од трет степен.

Гавриловски првично бил третиран во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, од каде на 17 март бил испратен на лекување во Литванија. Од почетокот бил во критична состојба, на 4 април се влошила, вчера бил ставен на хемодијализа и денес во 11 часот почина.

Таравари кажа дека во странство се лекуваат 66 пациенти, од кои двајца се во критична соостојба, а во Македонија се лекуваат 10 пациенти.

Во петокот, на тешките повреди здобиени во пожарот во „Пулс“ им подлегна и Александар Карадакоски. Тој исто така се лекуваше во Литванија и беше најкритичен пациент.