
Мајкл Мелоун повеќе не е главен тренер на Денвер Нагетс, со кого ја освои шампионската титула во НБА во 2023 година, а доби отказ на само три натпревара пред крајот на регуларниот дел од сезоната.
Покрај Мелоун, сопствениците на Нагетс го отпуштија и генералниот менаџер Калвин Бут. Дејвид Аделман, првиот асистент на Мелоун, е назначен за привремен тренер до крајот на сезоната.
„Не ја донесовме оваа одлука лесно, туку по внимателно размислување, и тоа го правиме со единствена намера да ѝ дадеме на нашата група најдобра шанса да се натпреварува за шампионската титула во НБА во 2025 година и да испорачаат уште една титула на Денвер и нашите навивачи насекаде“, рече Џош Кроенке, потпретседател на компанијата „Kroenke Sports and Entertainment“.
„Иако времето на оваа одлука е незгодно, бидејќи тренерот Мелоун помогна да се изгради основата на нашата програма, тоа е неопходен чекор што ќе ни овозможи да се натпреваруваме на највисоко ниво токму сега. Највисоките стандарди и очекувања остануваат на сила за тековната сезона, а гледајќи кон иднината, со нетрпение очекуваме да ги изградиме темелите што тренерот Мелоун ги постави за време на неговата рекордна десетгодишна кариера во Денвер“, додаде Кроенке.
Денвер е на четвртото место во Западната конференција со скор 47-32, но е во серија од четири порази. Во многу израмнетата конкуренција на Западот, Нагетс се на само една победа од осмопласираниот Голден Стејт Вориорс (46-32), а Минесота Тимбервулфс, Мемфис Гризлис и ЛА Клиперс имаат ист учинок како тимот од Сан Франциско.
Иако станува збор за прилично шокантен потег, со оглед на тоа што Мелоун пред само две сезони го предводеше Денвер до првиот шампионат во НБА лигата во клупската историја и дека десет сезони беше на позицијата главен тренер со учинок 471-327, отпуштањето трофејни тренери помалку стана тренд во НБА. Имено, четворицата тренери кои ги водеа своите тимови до титулата во последните шест сезони повеќе не се на таа позиција во тие клубови.
Ник Нурс, кој ги предводеше Торонто Репторс до нивната прва титула во сезоната 2018/2019, сега е тренер на Филаделфија 76ерс. Френк Фогел, кој ја освои титулата со Лејкерс сезоната по „ковид балонот“, сега е консултант на Далас Маверикс, а Мајк Буденхолцер, тренер на шампионскиот тим на Милвоки Бакс (2020/2021), сега е главен тренер на Феникс Санс.
Сè уште на нивните позиции се Стив Кер, шампион со Голден Стејт Вориорс (2021/2022) и Џо Мазула, кој минатата сезона ја освои титулата со Бостон Селтикс.