Интер Мајами сака на Меси и Суарез да им го придодаде де Брујне

Интер Мајами, во кој веќе настапуваат јужномериканските ѕвезди Лионел Меси и Луис Суарез, летово планира да доведе уште едно звучно засилување, 33-годишниот белгиски играч за врска Кевин де Брујне, објавија британските медиуми.

Договорот на Белгиецот истекува на 30. јуни и тој веќе објави дека летово го напушта Манчестер Сити, каде помина десет години, освојувајќи 16 трофеи во тој период.

Американскиот клуб, чиј косопственик е британската фудбалска легенда Дејвид Бекам, ќе се соочи со силна конкуренција од тимовите од Саудиска Арабија, кои последните години успеаја да привлечат бројни светски фудбалски ѕвезди.

Де Брујне сега треба да одлучи дали ќе ги прифати профитабилните понуди од Саудиска Арабија, со пријавена годишна плата од 24 милиони евра или ќе замине во Мајами, која би била многу поприфатлива дестинација за него и неговото семејство.

Белгискиот играч за врска има постигнато 106 гола во сите натпреварувања за Манчестер Сити и има 117 асистенции во Премиер лигата. Во историјата на Премиер лигата само еден играч е пред него кога станува збор за асистенции, а тоа е Рајан Гигс кој собра 162. За белгиската репрезентација одигра 109 натпревари и постигна 30 гола. Со репрезентацијата го освои третото место на Светското првенство во Русија 2018 година.